Роналдо платил за молчењето на жртва на силување

Еден од најдобрите фудбалери во историјата на оваа игра, Португалецот Кристијано Роналдо, ѝ платил 375.000 американски долари за молчењето на жена којашто го обвинила за силување, објави германскиот весник Der Spiegel.

Според документите коишто биле објавени на интернет страницата FootballLeaks, исплатата се случила во 2010 година, а наводната жртва на силувањето во замена за споменатата сума се согласила да молчи за настаните коишто се случувале во јуни 2009 година во американски Лас Вегас.

Според весникот, веројатно никогаш нема да се дознае што точно се случувало во апартман од еден луксузен хотел во Лас Вегас на датумот 13 јуни 2009 година, бидејќи двете страни се договориле за вонсудска спогодба. Наводно, документот за договорот на три страници ги потпишал адвокатот на ѕвездата на мадридски Реал, Карлос Осорио де Кастро.

Во текстот на Der Spiegel се наведува дека жената му напишала писмо на Роналдо, во коешто на шест страници до поединости опишала како го доживеала наводното силување, а на фудбалерот му го прочитал неговиот адвокат.

Во саботата, исто така, германскиот весник Bild пишува дека на Der Spiegel му е познат идентитетот на наводната жртвата којашто му ветила на Роналдо дека ќе му предаде листа со имињата на сите луѓе со кои зборувала за наводното силување, како и дека ќе ги уништи и избрише сите, пишувани, електронски или други докази за случајот.

Роналдо одбил да го коментира случајот, додека неговиот адвокат Јоханес Креил изјавил дека неговиот клиент ги отфрла сите обвинувања и дека ќе ги преземе сите правни средства за да го заштити својот углед.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.