Роналдо се согласи да плати 18,8 милиони евра даноци

Напаѓачот на мадридски Реал и на португалската фудбалска селекција, Кристијано Роналдо, ќе ѝ плати на шпанската даночна управа 18,8 милиони евра, откако неговиот адвокат се спогодил со даночните власти, објави во петокот дневниот весник El Mundо на денот кога во Русија селекциите на Шпанија и Португалија ја очекуваат меѓусебната пресметка.

Роналдо е обвинет за затајување данок во периодот од 2011 до 2014 година. Шпанското државно обвинителство тврди дека преку основање фиктивни компании, како онаа на Британските девствени острови, избегнал да плати 14,7 милиони евра данок на приодите добиени од спонзорите и рекламите.,

Од почетокот на овој процес Роналдо тврдеше дека е невин. Неговиот адвокат Хозе Антонил Чоклан, кој во сличен случај го застапува и хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ, исто така, еден од главните играчи на Реал Мадрид, постигнал договор со даночната управа.

Според пишувањето на шпанскиот дневен спортски весник AS, адвокатот на Роналдо понудил да плати 14,7 милиони евра, но даночните власти барале 28 милиони евра за да го затворат случајот. Весникот El Mundo, пак, сега наведува дека е постигнат договор за 18,8 милиони евра, што ги вклучува бараната сума од данокот, каматите и казната.

El Mundo, повикувајќи се на неименувани извори од даночната управа, ја објави веста на денот кога Шпанија и Португалија го играат првиот меч на Светското првенство во Русија. Се наведува дека со оваа спогодба 33-годишниот Роналдо ја признал измамата, како и дека двегодишната затворска казна предвидена за висината на затаениот данок, ќе му биде претворена во парична казна бидејќи претходно не бил казнуван. Весникот натаму наведува и дека договорот сѐ уште треба да го потврди новиот директор на даночната управа на Шпанија.

Во Шпанија за даночни измами поголеми од 120.000 евра се предвидени затворски казни. Во случајов доколку двете страни не постигнаа договор, ќе се одржуваше судење коешто ќе започнеше по одржувањето на Светското првенство, на коешто на Роналдо му се закануваше многу потешка казна, но и можност обвинувањата да бидат отфрлени.