Роналдо си заминува од Реал, медиуми

Португалскиот напаѓач Кристијано Роналдо им кажал на своите партнери во Реал дека ќе го напушти мадридскиот клуб, објави во сабота влијателниот шпански дневен спортски весник Marca.

Според сознанијата на весникот, во текот на последната седмица пред финалето на Лигата на шампионите во кое Реал во Киев го совлада англиски Ливерпул со 3:1 и третпат во низа ја освои титулата во ова натпреварување, 33-годишниот Роналдо не криел од своите соиграчи дека сака да го напушти клубот.

Причина за незадоволството на португалскиот ас била тоа што челниците на Реал не сакале да му понудат нов договор со подобрени услови. Сегашниот договор, кој важи до крајот на јуни 2021 година, со откупна клаузула од милијарда евра, не му дозволува на Роналдо предвреме слободно да ги напушти мадридскиот клуб.

Веднаш по завршувањето на финалето од Лигата на шампионите Роналдо нафрли дека можеби ќе ги напушти редовите на Реал Мадрид уште ова лето. Медиумите во Шпанија објавуваат дека францускиот шампион Пари Сен Жермен е подготвен на повеќекратниот освојувач на Златната топка за најдобар фудбалер на годината да му понуди договор со годишна плата од 45 милиони евра, а на Реал да му исплати 150 милиони евра за трансферот на Португалецот.

Само во текот на штотуку завршената сезона Роналдо во дресот на Реал постигна 44 голови во исто толку мечеви во сите натпреварувања.