Росоклија: Државниот испит е неопходен

Додека пофесорите кои се во Макдонија молчат за најавениот државен испит чија цел е да се подигне квалитетот на високото образование, академикот професор д-р Горазд Росоклија, кој е светки признаен научник, од САД порачува дека на македонското образование му се потребни длабоки и болни реформи, а државниот испит е  неопходен како мерка со која ќе започне гаснењето на пожарот.

Росоклија е светски признаен научник во областа на истражувањето на невропатологијата и невроимунологијата, кој од 1992 година е професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот Колумбија, Њујорк, САД. Во интервју за Фактор говори за предизвиците на македонското образование. „Екстерното оценување, или државниот испит, не е решение на проблемите со кои се соочуваме во високото образование, но е неопходно како мерка со која ќе започне гаснењето на пожарот. На образованието му се потребни длабоки и болни реформи, смета Росоклија.

Росоклија смета дека споредбата на надлежните со најдобрите светски унверзитети е логична. Стремежот треба да е кон врвот, не кон дното или кон просечното.

– Погрешно споредувате ниво на колеџи во кои нема екстерно оценување во тек на студиите, со професионална едукација која во САД се оценува екстерно. Во САД и во Обединетото кралство, после гимназија студентите одат на 4 годишна едукација во колеџ, за дури после тоа да отидат на три или четири годишна едукација во професијата со која ќе се бават (лекар, инжењер, правник, архитект и така натаму). Студентите по медицина во САД, во тек на медицинските студии полагаат државен испит кој се сотои од 3 дела. Институски предмети, клинички предмети и правна регулатива. Во Македонија, гимназијалците одат директно на професионални студии (медицина на пример), што е битно различно од системите во земјите кои ги наведувате. Друга значајна разлика е објективноста во оценувањето. Во САД, Англија и повеќето европски земји, знаењето се оценува максимално објективно преку тестови, без контакт со професорот, вели Росоклија за ФАКТОР.

Тој додава дека според последните податоци изнесени минатата недела, македонските студенти имаат најниско ниво на знаење во споредба со студентите од сите други европски земји. Ако кон тоа се додаде дека само 7% од македонската популација има после гимназиско образование, прашањето ,,зошто треба да се воведе екстерно оценување” е надвор од реалноста на земјата. Алтерантивата е да продолжиме да тонеме во незнаење и неписменост.

-Екстерното оценување, или државниот испит, не е решение на проблемите со кои се соочуваме во високото образование, но е неопходно како мерка со која ќе започне гаснењето на пожарот. На образованието му се потребни длабоки и болни реформи. Тие треба да започнат со ригорозни критериуми во изборот на професорскиот кадар, а да завршат со општествено вреднување на добрите студенти, не преку формални награди, туку преку нивно вработување на позиции на кои тие лично ќе напредуваат и ќе го движат напред целото општество, вели Росоклија.

На прашањето дали речиси сите досегашни  промени кои се направени во изминативе неколку години во образованието одат во прилог на негово комплетно уништување и приватизација, Росоклија ќе рече:

– Напротив. Универзитетите се тие што се спротивставуваат на секоја мерка која ќе ја подобри едукацијата, а во име на автономијата? Чија автономија? На професорите и тоа на оние што се неспособни? Автономијата на универзитетите значи автономија во изборот на професори, во изборот на програмите за едукација и во изборот на методологијата. Тоа е автономија на универзитетот. Но универзитетот кој добива финансирање од државата, има и општествена одговорност на државата да и врати дипломци кои се едуцирани за потребите на глобалниот свет, т.е. пазар. Дали државата ги избира професорите? Не! Дали државата ги избира програмите и методологијата? Не! Кој е тогаш виновен за ниското ниво на знаење на македонските дипломци? Кога во историјата на Македонија постоеле државни стипендии за секој студент што ќе се запише на еден од 100/те водечки универзитети во светот? Никогаш се до сега. Тие стипендии беа резервирани за ,,нивните деца”, не за нас, не за народот. Кога постоело финансирање за секој доктор кој сака своето знаење да го усоврши во светски медицински центар? Никогаш се до сега! Кога биле дадени 100 милиони евра за опремување на медицинските и другите научни институции? Никогаш се до сега! Како тогаш ,,промените во изминативе години” се на штета на знаењето, на штета на образованието? Дали не сме ние, претпоставената македонска интелектуална елита, главните виновници за состојбата со образованието во Македонија? Кои се професорите на универзитетите? Владините министри или ние? Што е тоа што ние го предложивме или го правиме за излегување од кризата на (не)знаење во Македонија, прашува тој.

Одговарајќи на прашањето зишто и покрај едногласното  противење  за воведување  државниот испит  се прави обид да се  даде партиско-политичка позадина и дека Студентскиот пленум добил поддршка од Србија и Америка, Росоклија вели:

-За другите не знам, но што значи тоа ,,студентите од Америка”. Која Америка? Кои студенти, од кои универзитети? Оние од Колумбија, Харвард, Јел, Браун, Дартмут? Не верувам, затоа што за тоа какви испити ќе имаат, не одлучуваат студентите на овие универзитети туку самите универзитети, а за државните испити одлучуваат американските држави, секоја од нив според сопствените потреби и состојби. Нашите американски студенти не би успеале ниту да разберат што е тоа што го протестираат македонските студенти? Проверката на нивното знаење? Американските студенти плаќаат $60,000 годишно. За тие пари очекуваат да им биде дадено знаење, не безвредни дипломи, а знаењето се оценува со објективни тестови.

Целото интервју прочитајте го на Фактор.