Роухани: Иранскиот народ ќе одговори на испадите

Иранскиот народ ќе им одговори на оние коишто предизвикуваат инцидент, изјави во понеделникот претседателот Хасан Роухани, по насилствата коишто избија во неколку градови во кои во неделата вечерта се убиени десет луѓе.

„Народот ќе им одговори на нарушителите и на оние кои предизвикуваат проблеми, а станува збор за малцинство“, изјави иранскиот претседател Хасан Роухани на вонредниот состанок посветен на безбедносната состојба во земјата, пренесе интернет страницата на претседателството во понеделникот вечерта.

„Проблемот на народот не е само од економски карактер. Тие бараат и повеќе слобода. Оваа влада нема сѐ под своја контрола“, изјави Роухани во индиректната критика на владејачките тврдолинијаши кои се противат на обидите за спроведување политички и културни реформи и алудирајќи на фактот дека конечната одлука за многу клучни прашања ја носат конзервативните клерици.

Роухани, кој е претставник на пролибералната струја ирански клерици, додава дека би било погрешно да се смета дека овие протести претставуваат странски заговор. Тој во неделата истакна дека Иранците имаат право да протестираат и да ја критикуваат неговата влада, но дека нивните активности не смеат да резултираат со насилство и уништување на јавната сопственост.а, и

Меѓутоа, и покрај тоа што претседателот ги поддржа нивното право на ненасилно изразување на мислењето, странските агенции пренесуваат изјави на очевидци за продолжување на насилствата во повеќе градови во Иран, како и тоа дека некои од демонстрантите биле вооружени. Дел од нив палеле автомобили а некои се обиделе вооружени да заземат полициски станици при што се убиени десет лица. Полицијата во главниот град Техеран употребила солзавец и водени топови за разбивање на протестите. Политичари известуваат за неколку стотици уапсени, а и повредени.

Откако во неделата попладнето беше ограничен пристапот на социјалните мрежи Telegram и Instagram во Иран преку мобилни телефони, корисниците интернет во понеделникот одново имаат пристап.

Високи функционери ги блокираа во неделата двата сервиса на социјалните мрежи обвинувајќи ги „контрареволуционерните“ групи со седиште во странство дека ги користат социјалните мрежи, особено Telegram, за повици на протести и користење Молотови коктели и огнено оружје.

Десетици илјади луѓе протестираат поради скапотијата, невработеноста и ја обвинуваат елитите за корупција. Вкупно во демонстрациите досега загинале четиринаесет лица.