Роухани победник на претседателските избори во Иран

Актуелниот ирански претседател 68-годишниот умерен и реформаторски настроен поранешен припадник на свештеничкиот естаблишмент го освои вториот мандат, соопшти во саботата изборната комисија при министерството за внатрешни работи задолжено за спроведување на изборите.

Како што соопшти челникот на иранското министерство за внатрешни работи на Иран, Абдолреза Рамани Фазли по пребројувањето на 100 отсто од гласачкиот материјал, Хасан Роухани освоил 57 отсто од гласовите, со што е победник уште во првиот круг од претседателските избори.

„Последните резултати коишто ви ги презентирам, може да се каже се конечни. Гласале 41.220.131 гласач (од 56 милиони луѓе со право на глас –з.р.), Роухани освоил 23.549.616 гласови или 57 отсто, и е избран од народот на Иран за претседател на земјата“, изјавил Фазли пред бројните новинарски екипи.

Покрај Роухани, на претседателската должност претендираа и конзервативниот кандидат ајатолахот Ебрахим Раиси кој освоил 38 отсто или 15,7 милиони гласови. Поранешниот потпретседател Мостафа Хашеми-Таба освоил околу 400.000 гласови, а другиот конзервативниот кандидат Мостафа Ага-Мирсалим, освоил околу 215.000 гласови.

Кандидатите имаат рок од три дена да поднесат жалби, по што ќе бидат соопштени конечните официјални резултати. „Го почитувам исходот од гласањето, резултатите ќе ги почитувам“, изјави во петокот Раиси откако гласаше.

Според овие податоци одѕивот на гласачите на изборите кои се одржаа во петокот изнесувал околу 70 отсто, што е приближно исто како и на претходните претседателски избори во 2013 година, кога Хасан Роухани првпат го освои мандатот.

Ова е вторпат ирански претседател на заминување не успеал да го освои реизборот од 1981 година, кога ајатолахот Али Хамнеи, сегашниот врховен челник и најмоќната фигура во Иран стана претседател. На изборите во 2013 година Роухани беше избран во првиот круг со 50,7 отсто од гласовите, или трипати повеќе од својот најблизок конкурент.

Високиот одѕив на избирачите, како што се покажува, му одел во полза на Роухани, чијашто главна загриженост пред изборите беше апатијата на прореформските гласачи незадоволни од бавноста на промените. Големиот одѕив создаде долги редови на избирачките места, па рокот за гласање мораше да биде продолжен.

Овие избори се сметаат за клучен тест за политиките на реформистите кои треба да дадат одговор на прашањето дали Иранците ќе го продолжат патот на отворање кон светот, особено кон западните земји, или ќе се вратат во изолација. Пред четири години го избраа Роухани кој во 2015 година го потпиша нуклеарниот договор со шесте големи сили за ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на децениските санкции против Техеран. Сепак, американските и добар дел од меѓународните санкции уште се на сила, што предизвика и критики во Иран на сметка на Роухани.

Шеесет и осумгодишниот Хасан Роухани, умерен припадник на иранскиот верски естаблишмент кој успеа да ја извлече земјата од меѓународната изолација, на изборите го очекува својот втор мандат, а наиде на Ебрахим Раиси, неочекувано силен политички противник, кој е под закрила на врховниот верски водач Али Хамнеи.

„Овие избори се важни за идната улога на Иран во регионот и во светот“, предупреди Роухани откако гласаше.

Педесет и шестгодишниот Ебрахим Раиси, кој го обвинуваше во кампањата својот ривал за погрешно економско управување, се претставуваше како претставник и заштитник на сиромашните слоеви, на кои им вети зголемување на социјалната помош, обновување на домашната индустрија и отворање на милион работни места годишно.

Во западните медиуми се шпекулираше дека Раиси ја има поддршката на влијателната Револуционерна гарда, како и премолчената поддршка од Хамнеи, чиишто овластувања ги надминуваат претседателските, но кој вообичаено се држи настрана од дневно политичките прашања но го има последниот збор кога се работи за главните политики на земјата.

Победата на Роухани се очекува да доведе до натамошно слабеење на ограничувањата на личните слободи, додека победата на Раиси можеше да го доведе Иран во нов судир со Западот во време кога американскиот претседател Доналд Трамп по притисокот на стратешкиот блискоисточен сојузник Израел и моќното лоби во Вашингтон повика на поцврст став кон Иран.

Победникот би можел да влијае на изборот на следниот врховен водач, а со самото тоа и на начинот на управуањето до Иран. Претседателот е подреден само на врховниот водач, кого го избира советот на клериците и го има последниот збор за сите државни прашања. Сепак, претседателската функција е моќна со значително влијание врз домашната политика, државната бирократија и надворешните работи.