Роухани во сигурно водство на иранските претседателски избори

Реформистичкиот актуелен ирански претседател Хасан Роуани надмоќно води на претседателските избори и е на чекор до победата пред својот конзервативен ривал ајатолахот Ебрахим Раиси, соопшти во саботата шефот на иранската изборна комисија при министерството за внатрешни работи задолжено за спроведување на изборите, Али Асгар Ахмади.

Агенцијата Reuters повикувајќи се на извор кој барал да остане неименуван, рекол дека изборите се „готови, Роухани е победник“.

По пребројаните 37 милиони гласови, Хасан Роухани освоил 21,6 милиони гласови, наспроти 14 милиони гласови за Ебрахим Раиси, рекол изворот, според кој останувале да се пребројат уште четири милиони гласачки ливчиња.

Според официјалните податоци на изборната комисија, на изборите гласале повеќе од 40 милиони луѓе, од 56 милиони со право на глас, и се проценува дека одѕивот на гласачите бил 70 отсто, речиси исто колку и на претходните претседателски избори во 2013 година.

Изборите ширум земјата ги обезбедуваа 350.000 припадници на безбедносните служби, а министерството за внатрешни работи извести дека не се забележани никакви инциденти

Прелиминарните податоци кои ги објави министерството за внатрешни работи говорат дека по обработените 25,9 милиони гласачки ливчиња Хасан Роухани освоил 14,6 милиони гласови, додека за Ебрахим Раиси гласале 10,1 милиони избирачи. Вториот конзервативен кандидат Мостафа Ага-Мирсалим освоил 297.200 гласови, а поранешниот потпретседател Мостафа Хашеми-Таба 139.300 гласови.

На изборите во 2013 година Роухани беше избран во првиот круг со 50,7 отсто од гласовите, или трипати повеќе од својот најблизок конкурент.

Шефот на кампањата на Роухани, Хамид Абуталеби на социјалните мрежи објави дека актуелниот претседател освоил 60 отсто од гласовите, додека поранешниот претседател Мохамед Хатами, кој е сојузник на Роухани објави дека „Надежите ја победија изолацијата“.

Високиот одѕив на избирачите, како што се покажува, му одел во полза на Роухани, чијашто главна загриженост пред изборите беше апатијата на прореформските гласачи незадоволни од бавноста на промените. Големиот одѕив создаде долги редови на избирачките места, па рокот за гласање мораше да биде продолжен.

Овие избори се сметаат за клучен тест за политиките на реформистите кои треба да дадат одговор на прашањето дали Иранците ќе го продолжат патот на отворање кон светот, особено кон западните земји, или ќе се вратат во изолација. Пред четири години го избраа Роухани кој во 2015 година го потпиша нуклеарниот договор со шесте големи сили за ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на децениските санкции против Техеран. Сепак, американските и добар дел од меѓународните санкции уште се на сила, што предизвика и критики во Иран на сметка на Роухани.
Шеесет и осумгодишниот Хасан Роухани, умерен припадник на иранскиот верски естаблишмент кој успеа да ја извлече земјата од меѓународната изолација, на изборите го очекува својот втор мандат, а наиде на Ебрахим Раиси, неочекувано силен политички противник, кој е под закрила на врховниот верски водач Али Хамнеи.

„Овие избори се важни за идната улога на Иран во регионот и во светот“, предупреди Роухани откако гласаше.

Педесет и шестгодишниот Ебрахим Раиси, кој го обвинуваше во кампањата својот ривал за погрешно економско управување, се претставуваше како претставник и заштитник на сиромашните слоеви, на кои им вети зголемување на социјалната помош, обновување на домашната индустрија и отворање на милион работни места годишно.

Во западните медиуми се шпекулираше дека Раиси ја има поддршката на влијателната Револуционерна гарда, како и премолчената поддршка од Хамнеи, чиишто овластувања ги надминуваат претседателските, но кој вообичаено се држи настрана од дневно политичките прашања но го има последниот збор кога се работи за главните политики на земјата.

„Го почитувам исходот од гласањето, резултатите ќе ги почитувам“, изјави Раиси откако гласаше, пренесе иранската новинска агенција Fars.