РСБСП: Апел за поголема безбедност на децата во сообраќајот

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата упати апел за поголема безбедност на децата во сообраќајот.

Апелот ви го пренесуваме во целост:

Почитувани, родители, возачи, учесници во сообраќајот, почетокот на учебната година е период кога се почесто се гледа сликата на гужви и сообраќаен метеж на патиштата, а децата секојдневно ќе бидат учесници во сообраќајот и ќе бидат изложени на потенцијални ризици и опасности  кои би ја загрозиле нивната безбедност и здравје.

Секое нерационално однесување во сообраќајот, секое агресивно управување со возилото и секое невнимателно учество во сообраќајот се дејствија кои ја загрозуват безбедноста на децата во сообраќајот.

Поразителен е податокот во кој се наведува дека на светско ниво, речиси 500 деца секој ден го губат својот живот во сообраќајни незгоди.

Сообраќајните незгоди со тешки последици во кои страдаат деца и млади, за жал, се наше секојдневие. Во Република Македонија во изминатата година 9 деца на возраст до 4 години го загубија животот во сообраќајни незгоди и 13 деца на возраст од 5 до 18 години.  Вкупно 22 деца, еден клас ученици, се неповратно  изгубени  за само една година.  Загубите за општеството се огромни а душевната болка и страдањата на нивните блиски неизмерливи и неопишливи.

Од тие причини, РСБСП  апелира,  да  се разбуди свеста кај секој учесник во сообраќајот, да учествува одговорно и внимателно, со цел  да се заштитат децата од повреди и загуби во сообраќајот.

Родители, бидете позитивен пример за вашето дете во сообраќајот. Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, а особено почитувајте го ограничувањето на брзината на движење со возилото. Вашето брзање може некому да наштети.

Врзете се со безбедносен појас, Вие и Вашето дете, тоа може да Ви го спаси животот.

„Децата се нашето најголемо богаство“ е изрека која ја слушаме секојдневно во нашето опкружување, од нашите пријатели, роднини и во нашето семејство. Нивната безбедност и здравје се врвни приоритети за сите.

Личната одговорност, личниот придонес и личниот пример на секој учесник во сообраќајот  во голема мера влијае на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Затоа при управување со возилото покрај училиште или градинка, бидете особено внимателни, бидејќи децата немаат „кочници“. Почитувањето на сообраќајните правила и прописи е прашање на  личното  воспитување и на личниот морал, култура и етика. Секој треба да имплементира практики за побезбеден сообраќај на патиштата.

Да дадеме свој максимален позитивен придонес за да не прекинеме невин детски живот. Да ги заштитиме децата во сообраќајот!

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата им посакува среќна, успешна и безбедна учебна година на сите ученици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.