РСБСП апелира на безбедно учество во сообраќајот за време на празниците

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во пресрет на претстојниот викенд и празникот 2 Август, апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат максимално одговорни и внимателни, да ги почитуваат сообраќајните  правила  и  прописи,  да  ја  прилагодат  брзината  спрема ограничувањата и условите на патот.

Од РСБСП потенцираат дека брзото возење, алкохолот, заморот, несоодветното растојание, неправилното престигнување,  лошиот правец на движење и технички неисправно возило, честопати се кобни и пресудни во сообраќајните незгоди.

РСБСП апелира до сите кои патуваат на подолги дестинации, да го организираат своето патување, да земат ден одмор пред патувањето, да патуваат одморени и наспани, да избегнуваат да патуваат во делови од денот кога температурите  се  највисоки,  да  прават  почести  паузи  и  да  бидат сконцентрирани и активни учесници во сообраќајот.

Статистичките податоци покажуваат дека во летниот период, традиционално, доаѓа  до  двојно  зголемување  на  црната статистика,  односно  до  двојно зголемување на бројот на сообраќајни незгоди и двојно зголемување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.

За првите шест месеци од 2016 година, според статистиката на РСБСП, вкупно 65 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Во текот на јули оваа година,  исто  така,  голем  е  бројот  на  лица  кои  го  загубија  животот  во сообраќајни незгоди. Посебно истакнуваат дека во август 2015 година 20 лица го загубија животот на патиштата во Република Македонија.

Токму затоа, велат од РСБСП, крајно време е секој учесник во сообраќајот  да  го  преземе  својот  дел  од  одговорноста.

Крајно време е да кажеме СТОП за насилната смрт на патиштата! Наша заедничка обврска е да не дозволиме црната статистика од август 2015 година да се повтори и оваа година, велат од РСБСП.

Оттаму додаваат дека со  повисоко  ниво  на  свест и на  лична одговорност на секој учесник во сообраќајот и со поинаква култура, етика и личен  пристап  кон  безбедноста  на  сообраќајот  на  патиштата,  бројот  на настраданите лица на патиштата во Република Македонија значително ќе се намали.