РСБСП: Да се зголеми свеста за користење велосипед

Велосипедизмот како алтернативно превозно средство го подобрува здравјето на лицата кои користат велосипед и го намалува загадувањето на животната средина, укажува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Мај е прогласен за месец на велосипедистите, а РСБСП апелира да се зголеми свеста за користење велосипед како алтернативно превозно средство од здравствен, еколошки, сообраќаен и економски аспект.

– Возењето велосипед претставува одлична кардио вежба. Ќе ви ја зголеми кондицијата, ќе ви го подобри општото здравје, ќе ви помогне да ја достигнете и задржите вашата идеална тежина. Ќе ви се зголеми тонусот на мускулите, ќе ви се затегнат нозете, грбот, задникот, стомачните мускули, рамениците и рацете. За време на возење велосипед, се зголемува лачењето нендорфин во вашиот мозок, што прави да се чувствувате среќни и расположени. Се на се, ќе бидете поздрави, посилни и посреќни, соопштуваат од РСБСП.

Во појаснување на еколошкиот аспект, истакнуваат дека речиси секој велосипед во сообраќајот значи моторно возило помалку на улиците.

– Земајки го предвид фактот дека еден автомобил годишно испушта околу 4 тони јаглерод диоксид во атмосферата, плус сите останати отровни и штетни гасови, секој велосипед во сообраќајот претставува светла точка за околината, општеството и иднината, наведува РСБСП и појаснува дека  сообраќајниот аспект е крајно позитивен, велосипедите зафаќаат малку место во сообраќајот, агилни се и лесно подвижни. Велосипедот во часовите на сообраќаен метеж е привилигирано возило со кое се стига побрзо, полесно и со многу помалку нервоза. Воедно, секој велосипед значи возило помалку, и помалку гужва на улиците.

– Набавката на велосипед е неспоредливо поевтина постапка отколку купување моторно возило. Нема трошоци за гориво, нема трошоци за паркирање (целиот град е огромен бесплатен паркинг за вашиот миленик на две тркала!), а трошоците за одржување се занемарливи во однос на било кое друго возило. Затоа, возете велосипед. Доколку не сте сигурни дали сте за тоа или не, барем обидете се. После само неколку часа, ќе се уверите дека тоа е мудра постапка и за Вас, и за околината, порачува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

фото: МИА