РСБСП: Учесниците на сообраќајот совесно и одговорно да се однесуваат

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) по повод претстојните празници, апелира до учесниците во сообраќајот на совесно и одговорно однесување.

Од РСБСП ги потсетуваат возачите, пред тргнување на пат, задолжително да ја проверат техничката исправност на своите возила.

– Консумирањето на алкохол и управувањето со возило е неразумна постапка која во најдобар случај ќе ве чини парична казна и времено одземање на возачката дозвола од страна на сообраќајната полиција, а во најлош може да ве чини живот. Заради зголемената фреквенција на сообраќај, особено внимание обратете на почитување на ограничувањето на брзината и на целосната концетрација на патот и сообраќајот. Бидете стрпливи на граничните премини и патарините, и обратете особено внимание на делниците на патиштата на кои се одвиваат градежни работи. Информирајте се добро за состојбата на делницата по која ќе патувате, велат од РСБСП.

Мотоциклистите на почетокот на новата сезона ги потсетуваат да се потсетат на сообраќајните правила и прописи, особено на ограничувањето на брзината и без кацига да не седнуваат на мотор, а доколку возат совозач, да обезбедат кацига и за него.

Од РСБСП апелираат до пешаците и велосипедистите, како најранливи учесници во сообраќајот, да внимаваат и совесно да се однесуваат, бидејќи токму тие се најбројните жртви во сообраќајните несреќи.