Македонија

РСБСП: Време е да кажеме стоп за убиствата на патиштата!

РСБСП: Време е да кажеме стоп за убиствата на патиштата!

Управувањето со недозволена и неприлагодена брзина преставува најчеста причина за сообраќајни незгоди  со  фатални последици во Македонија. Најголем причинител за смртност кај младите лица во нашата држава се токму сообраќајните незгоди.

Време е да се освестиме, време е секој поединец да ја превземе одговорноста за оваа погубна општествена појава. Вината за оваа појава треба секој да ја бара длабоко во себе и да се запраша како всушност се однесува во сообраќајот и дали на тој начин го загрозува сопствениот живот и животот на другите учесници во сообраќајот кои впрочем се нечии деца, браќа, сестри, роднини и пријатели. Време е да кажеме стоп за убиствата на патиштата во Република Македонија.

Сообраќајниот трауматизам,односно повредите кои настануваат како последица од несовесното однесување на патиштата претставува број еден причинител кој го загрозува животот и здравјето на младите лица.

-Во нашата земја во последниве 10 години бројката на повредени се движи од 2600-4200 повредени со тенденција на растење на оваа бројка. 160 лица во просек годишно го губат животот на патиштата во Република Македонија.

Спрема типот на повредата најчесто се работи за краниоцеребрални повреди, крварења во мозокот со локални и дифизни оштетувања на истиот, торако-абдоминални повреди како и повреди на локомоторниот апарат и тоа од прости па се до комплицирани мултифрагментарни отворени скршеници, објаснува професор доктор трауматолог Виктор Камиловски.

rsbsp

Причината за настанување и зголемување на сообраќајниот трауматизам е мултифакториелна и тоа пред се комбинација од различни фактори и тоа на прво место фактор човек, состојбата на патиштата, безбедно возило, употреба на пасивна опрема  како носење на сигурносен ремен, воздушни перничиња, носење заштитна кацига итн.

Тој понатаму вели дека најголем  ризик фактор за настанување на сообраќајните незгоди е брзото возење.

Досега во 2016 година згаснаа 21 живот

Во овој период од 2016 година за жал вкупно 21 лице го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а оваа бројка е еднаква на нивото и динамиката во последните две години, но со тенденција да расте со оглед на несовесното управување на возилата. Околу една третина од сообраќајните незгоди се со смртни последици и се резултат токму на движење со недозволена и неприлагодена брзина.

Движењето со недозволена и неприлагодена брзина негативно се одразува на наколку аспекти за време на управување на моторно возило, како што се: управливоста над возилото, сопирниот пат и можноста возачот навремено да може да застани пред одредена пречка, и негативно влијание на последиците во случај сообраќајна незгода. Имено, без разлика за каков модел и тип на возило се работи, сопирниот пат на возилото е во директна врска со брзината на движење од една страна, а од друга страна, во случај на сообраќајни незгоди со брзини поголеми од 120-130 км/ч последиците по возачот и сопатниците во возилото во најголем дел случаи се фатални – вели  доц др, Зоран Јошевски член на РСБСП.

1rsbsp

РСБСП најавува две многу значајни кампањи за наредиот период

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот изминатиот период реализираше низа трибини токму на оваа тема, а за наредниот период најавува две многу значајни кампањи.

-Во престојниот период ќе промовираме две многу значајни кампањи: едната за штетните последици од употребата на мобилните телефони, а другата токму за брзото возење на патиштата. Според нас, она што е особено важно, и на што посебно посветуваме  внимание е подигнување на личната свест и личната одговорност на сите учесници во сообраќајот. Кога е во прашање сопствениот живот и здравје, само одговорното и безбедното возење може да ни го спаси животот.

Фактичката состојба говори дека секојдневно се губат човечки животи на патиштата во Република Македонија, свеста бавно се буди а репресијата затајува. Неопходно е силна и редовна контола на сообраќајот, силни санкции и приоритет во работењето и решавањето на проблемите  поврзани со сообраќајот и девијантното однесување на некои поединци во сообраќајот. Потребно е надлежните институции задолжени за управување и контрола на сообраќајот  да  го стават својот фокус на дејствување на реалните проблеми со кои се соочуваме а кои резултираат со многу изгубени животи.