РСБСП започна со реализација на проектот „Едукативен автобус“

Безбедноста на децата во сообраќајот претставува врвен приоритет на сите општествени чинители. Континуираната сообраќајна едукација и промената на навиките и културата на однесување во сообраќајот се главниот инструмент за унапредување на сообраќајната превенција, а со тоа и за намалување на бројот на загинати и повредени во сообраќајот на патиштата, а посебно за намалување на бројот на загинати и повредени  деца и млади лица во сообраќајни незгоди.

Токму затоа, како прва активност која произлезе од потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу РСБСП и ЈСП, а во соработка со АМСМ, МВР, МОН и Општина Карпош се реализира проектот „Едукативен автобус“.

Целта на проектот е поголема сообраќајна едукација на децата, односно нивно едуцирање за сообраќајните правила и прописи, запознавање со сообраќајните знаци преку практични и реални примери, нивно оспособување за полесно да го препознаваат ризикот и опасностите во сообраќајот со кои секојдневно се среќаваат, како пешаци или како велосипедисти,  истакна претседателот на РСБСП, Стојче Стаменковски.

Директорот на ЈСП, Игор Јанушев, посочи дека во рамките на овој проект е  брендиран еден двокатен автобус на ЈСП, со соодветна содржина под мотото „Учиме за сообраќај“, со кој денес ќе се одржи првото едукативно возење по главните улици и булевари во Скопје, со децата од ОУ „Братство“ од Општина Карпош.

За време на едукативното возење, претставници од МВР и предавачи од АМСМ, преку инсталирана опрема ќе ги информираат и едуцираат децата за сѐ што гледаат во сообраќајот и за сите позитивни и негативни примери, а посебно ќе посветат внимание на однесувањето на пешаците и велосипедистите.

edukativen-avtobus1

 

На настанот се обрати и градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, кој ја изрази својата поддршка за организирањето активности насочени кон зголемување на едукација на децата, особено во делот на сообраќајната култура и препознавање ризици со кои тие секојдневно се соочуваат.

Во рамките на проектот, за учениците од четврто одделение ќе бидат реализирани едукативни предавања на тема „Како да бидеме безбедни пешаци и велосипедисти“.

На настанот се обрати и заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски. Тој ја поздрави оваа иницијатива и истакна дека токму со поголема практична и теоретска сообраќајна едукација за сообраќајните правила и прописи на најмладите, се гради една култура која значително ќе се придонесе во подобрување на безбедноста на децата во сообраќајот.

Едукативното возење, практично предавање, ќе се реализира еднаш неделно (секој вторник) во различно училиште, а неговата прва фаза ќе трае до завршување на учебната година.

Ова е еден од неколкуте проекти наменети за зголемување на безбедноста на децата во сообраќајот кој заедно со иницијативата за зголемување на сообраќајното образование во рамките на редовниот образовен процес, а согласно со Националната стратегија за безбедност во сообраќајот ги реализира Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со своите партнери.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.