Свет

Руанда: 20 години од масакрот на 800.000 Тутси

Руанда: 20 години од масакрот на 800.000 Тутси

Еднонеделната комеморација по повод 20 години од геноцидот почнува денеска во Руанда.

За 100 денови, меѓу април и јули 1994 година, владејачкото племе Хуту уби 800 илјади припадници на малцинското племе Тутси и умерените од своите редови кои му се спротивставувале на режимот.

Убиени се 20 отсто од жителите на Руанда односно 70 отсто од припадниците на племето Тутси.

Претседателот на Руанда, Пол Кагаме денеска ќе го запали вечниот оган во знак на сеќавање во Меморијалниот центар посветен на геноцидот во главниот град Кигали.

Пламенот патувал низ целата земја, а денеска пристигнува во Кигали. Кагаме потоа ќе одржи говор на голем стадион во присуство на претставници од неколку земји и светски организации, меѓу кои ќе биде и генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-Мун.

Бан Ки-Мун смета дека геноцидот во Руанда е „голема дамка“ на совест на ОН кои не го спречиле масакрот иако во Руанда тогаш биле присутни 2.500 „сини шлемови“.

Руанда во неколку наврати ја обвини меѓународната заедница бидејќи не реагирала, а особено Франција за улогата во убивање на припадници на племето Тутси.

Иако дипломатските односи меѓу Руанда и Франција се обновени во 2009 година по три години прекин, тие и понатаму се затегнати. Така Франција на церемонијата ќе ја претставува амбасадорот во Кигали, Мишел Флеш.

Франција во 2012 година на неколку месеци беше без амбасадор во Кигали, бидејќи Руанда го одби агреманот за поставување на амбасадорското место Елен ле Гас, која сега е советничка на претседателот Франсоа Оланда за Африка.