Рубин Земон: Говорот на Заев е катастрофално и елементарно непознавање на политичкиот систем во Македонија

Универзитетскиот професор Рубин Земон, кој е и лидер на партијата Алијанса за позитивна Македонија и во коалиција со СДСМ, излезе со остри критики за говорот на Заев оценувајќи дека премиерот покажал катастрофално и елементарно непознавање на политичкиот систем во Македонија.

„Не знам кој му ги пишува говорите на премиерот Заев, но да се каже дека во Македонија како унитарна држава постојат ‘конститутивни народи наброени во Уставот’ е катастрофално елементарно непознавање на политичкиот систем на Македонија! Република Македонија не е (кон)федерација на ‘деловите на народи’, туку е унитарна република, која гради граѓански концепт’, пишува Земон.

„Со споменувањето во Преамбултата на Уставот на деловите на народи што се именуваат, вклучувајќи ги и ‘другите’, сите заедници се уставна категорија, но никако ‘конститутивни народи’“, смета Земон чија партија е дел од коалицијата „За живот во Македонија“ предводена токму од лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев.

Стружанецот Рубин Земон е претседател на Сојузот на Балканските Египќани. Вработен е во Универзитетот за информатички науки и технологии и член на научниот совет на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“. Тој експерт на ОБСЕ/ОДИХР за прашањата на националните малцинства.

Што пишува во Преамбулата на Уставот на РМ која ја цитираше премиерот во Белград?

„Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на с# што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој устав“, пишува во преамбулата на Уставот на Република Македонија.