Рудар од Зеница: Копавме со раце – не’ одржа желбата за живот

Рударот Мухамед Шабиќ е еден од 29 –те рудари кои беа заробени речиси 20 часа во јама на рудникот Распоточје во Зеница.  На Шабиќ, тој кобен ден, кога во јамата во која и тој се наоѓал загинаа негови пет колеги му бил четври ден на работа. Имено, на 1 септември тој потпишал договор за работа со рудникот во Зеница.

Новинската агенција Анадолија, објави разговор со него, откако во Зеница и околните села беа погребани загинатите рудари, бидејќи немале друг избор.

„ Одработев три први смени, појдов втора. Во четвртокот ми беше прва втора смена. Кој можеше да знае дека ќе работев и вечерта, но и речиси цела прва смена“, се присетува Мухамед на денот кога со пет колеги со лифтот се спуштиле во јамата.

„Пешачевме околу половина час до местото каде што требаше да работиме. Во групата имаше пет нови почетници кои на работа бевме четврти ден и имаше тројца постари колеги. Договорот беше да јадеме, па да работиме. Јадев, се напив вода… Ми останаа уште два залака од сендвичот кога се почувствува ударот. Мене ме отфрли 15 метри во јамата, раскажува Мухамед.

Како што вели, кога станал не заел што се случува. Ги слушале наредбите кои им ги давале.

„Наредено беше да се повлекуваме кон излезите, што и го правевме. Имаше два излези и двата беа затрупани. Како што се движевме гледавме само како пред нас паѓаат луѓе“, се присетува Мухамед.

Во тој момент, според неговите зборови, имало околу 14-15 рудари.

„ Зачекорив еден метар и видов дека нема воздух. Се обидов да го активирам самоспасувачот, но немаш сила да дувнеш во него за да се активира балонот што ќе го користиш за дишење. Успеав да земам воздух, децата ми поминаа пред очи. Тука паднав и веќе не се сеќавам на ништо“, вели Мухамед.

„Кога се разбудивме, ги довикувавме другите и им помагавме на оние кои не можеа да се движат“.

Наскоро виделе светлина на други ламби, тоа биле нивните колеги.

„Не дочекаа, не смируваа… Ни дадоа по голтка вода, бидејќи ни тие немаа доволно. Не знаевме уште колку ќе останеме во јамата“, раскажува Мухамед.

Со нив имале телефон и комуницирале. Кажале дека во групата се осумина. Но по доаѓањето на уште една група рударите се договориле да не зборуваат за бројната состојба во групата, за да не се создава паника во семејствата.

„Баравме да ни кажат каде копаат кон нас за да можеме и ние да им помогнеме. Копавме повеќе од 100 метри. Копавме со раце. Немаше простор за да користиш нешто друго. Копавме само толку колку што ни беше доволно за да се провлечеме“, објаснува Мухамед.

Понатаму тој  истакнува дека чувството кога ги здогледале спасувачите од другата страна, не може да се опише со зборови. Тој се’ уште е во шок, не спие… Но, свесен е дека еден ден повтроно ќе се врати во јамата.

„Размислувам за враќањето во јамата. Немам друга алтернатива. Кај мене дома се девет луѓе, сите се невработени. Немам избор, ќе се вратам во јамата“, вели Мухамед кој има три деца и невработена сопруга.

Мухамед Шабич се здобил со полесни повреди провлекувајќи се низ тесните премини кои заробените рудари ги ископале со раце.

„Сто метри ползевме. Јас едвај се провлеков. Имаше песимисти кои ми велеа ека нема да можам да поминам, бидејќи сум покрупен од другите“, се присетува.

Сепак, Мухамед е жив и се врати кај своето семејство.