Рударскиот сектор во стагнација, негативни прогнози и за следната година

Светската банка деновиве ја објави редовната, но, овојпат, негативна прогноза за движењето на цените на металите и за следната година. Рударските гиганти во светот веќе го намалуваат производството, ги затвораат рудниците и го намалуваат бројот на вработените на неопределено време. Следат ли откази и во македонските рудници?

Од светот веќе доаѓаат драматични вести за силни дефлаторни движења и општ надолен притисок врз цената на природните суровини. Најголем пад на цената има кај црните метали, а исто така и цените на обоените метали (бакар, цинк, олово, никел) сериозно се движат надолу.

Падот на цените на обоените метали деновиве доведоа до прекинување на производството во „Јукон Цинк“, еден од најголемите канадски рудници за цинк, сребро, бакар, олово и злато, со годишна преработка од над 620 илјади тони руда. Компанијата Jinduicheng Canada Resources Corporation, во чија сопственост се наоѓа рудникот, веќе отпушти 280 работници и најави дополнителни откази. Менаџерите очекуваат дека рудникот ќе биде затворен следните три месеци, но не ја исклчуваат можноста истиот да биде затворен и подолг период од првично планираниот.

Падот на цените на обоените метали, особено на бакарот, ја доведоа под знак прашање исплатливоста на инвестицијата во најголемиот рудник за бакар во Светот, „Оју Толгои“, во Република Монголија, со производсто од над 1,4 милиони тони концентрат, во кој владата на Монголија, заедно со светски реномираната рударска компанија Рио Тинто инвестираат над 4,2 милијарди $. Поради тоа, банката JP Morgan Chase & Co издаде негативна оценка за иднината на тој рудник, како и за целокупниот извоз на бакарен концентрат, со што ги исплаши инвеститорите и ја сруши цената на државните обврзници на Монголија.

Падот на цените ја зафати и една од поголемите компании за производство на опрема која ја користи рударскиот сектор, Катепилар, која објави намалување на добивката во четвртиот квартал за 25% во споредба со истиот квартал од минатата година.

За причините за падот на цената на обоените метали постојат многу фактори. Заеднички став на експертите е дека моменталните економски и геополитички фактори најмногу влијаат за генералната стагнација во рударската индустрија. Европа, како голем потрошувач, го зголеми печатењето на пари, санкциите кон Русија, скокот на доларот и заздравувањето на глобалната економија, се битни фактори кои ја формираат сликата за состојбата во рударската индустрија.

Од цените на металите, според познавачите, ќе зависат и вкупните приходи на македонските рудници и дали тие ќе бидат принудени да го намалат производството и бројот на вработените.

Според Максим Прохоров, директор за инвестиции и развој во Саса, засега најголемиот македонски рудник за олово и цинк има пласман, но, сепак, цените на берзата ќе ја диктираат нивната понатамошна деловна политика.

„Во случај ако резултатите се негативни, тоа ќе влијае на понатамошните планови. Можно е да биде намалено производството, а дали тоа ќе доведе до намалување на работните места, во овој момент тешко е да се каже. Од друга страна, трошоците за инфраструктурното обезбедување на одреден ископ се во пораст, и тоа исто така може негативно да се одрази во случај на одредени надворешни случувања, кои не се во нашата сфера на влијание. А, тоа може негативно да влијае и на финансиските резултати“, вели Прохоров.

Од компанијата „Индо минерали и метали“, која што е сопственик на рудниците за олово и цинк „Злетово“ кај Пробиштип и на „Тораница“ во Крива Паланка, сметаат дека дури во четвртиот квартал на 2015 година би се знаело дали ќе има зголемување на цените на обоените метали.

„Цените на необоените метали се предвидува да опаѓаат во 2015 година, а се претпоставува дека условите нема да бидат поволни ниту во 2016 година. Цените на бакарот паднаа на 5.500 американски долари, најниска цена во последните 7 години, што е показател дека доаѓаат тешки времиња. Како резултат на ова, многу рудници низ светот се затворени. Светот гледа кон Кина и Индија за да ја оцени ситуацијата со цените. Со оглед на тоа дека Кина ја празнува својата Нова година, пазарот на обоени и необоени метали чека тие да се вратат на пазарот. Индо Минерали и Метали, како компанија со големо искуство, имаат поминато вакви времиња и порано и сигурни се дека ќе го пребродат овој тежок период на менаџирање на тешките флуктуации и намалување на цените на металите“, велат од компанијата.

Македонското рударството учествува со 12% во индустриското производство. Последните десетина години активно се развива, а од 2005-та многу рударски комлекси се обновени и работат успешно. Отворени се и мноу рударски претпријатија. Денес во секторот работат преку 300 фирми од кои околу 160 се директно во рударството. Изминатите 4-5 години се доделени над 400 нови концесии за детални геолошки истражувања, кои треба да овозможат отворање нови претпријатија.

Според последните статистички податоци во 140 рудни објекти низ државата егзистенцијата ја обезбедуваат 8.000 луѓе. Само во последните шест години вработени се нови 3.872 работници во рударско праработувачката дејност, што се должи пред се’ на работата на постоечките рудници во Македонија и рестартирање на затворените рудници.