Македонија

Рудникот за бакар и злато во Иловица ќе биде готов до 2017

Рудникот за бакар и злато во Иловица ќе биде готов до 2017

Резултатите од предфизбилити студијата за проектот за бакар и злато Иловица го потврдија економскиот потенцијал на овој проект. Истовремено, објавени се и нови резерви руда на проектот кои вкупно изнесуваат 225 милиони тони со содржина од 2,45 милиони унци (69,5 тони) злато и 905 милиони фунти (411 илјади тони) бакар.

Проектот Иловица ќе има годишен капацитет од 10 милиони тони руда и годишно ќе произведува просечно по 95.000 унци (2,7 тони) злато и 16.000 тони бакар, при што животниот век на рудникот се предвидува да трае 23 години.

Со цел за натамошен развој на проектот Иловица, Еуромакс формираше Технички советодавен комитет составен од водечките експерти во своите области. Тој ќе има задача да обезбеди ефикасно спроведување на проектот и да го надгледува напредокот на проектот преку целосната физибилити студија и деталното проектирање до изградбата која се предвидува за 2016 година.

Коментирајќи ги резултатите од предфизибилити студијата, Стив Шарп, претседател и главен извршен директор, изјави:

-И покрај исклучителните предизвици на пазарите на капитал во рударството кои предизвикаа пад на пазaрната вредност на нашата компанија и покрај значителниот пораст на вредноста на проектот Иловица, особено значајно е што сега сме во можност јавно да ја покажеме исклучително силната вредност на овој проект. Тој е од огромно значење за Македонија и, како еден од малкуте такви проекти во Европа, значително ќе го зајакне економскиот профил на земјата. Огромната локална, национална и меѓународна поддршка за проектот нé става во значајна позиција за негов сигурен развој. Наша непосредна задача е менаџерскиот тим да обезбеди спроведување на стабилен пакет за финансирање и управување со подготвителниот процес за да се осигури почетокот на изградбата во 2016 година и почетокот на производството во 2017 година. Токму во овие области е нашата најсилна страна како резултат на експертизата и претходното искуство со кои располагаме.

На изработката на предфизибилити студијата работеа реномирани домашни и странски експерти, вклучувајќи и експерти од Градежниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје кои беа фокусирани на проектирањето на хидројаловиштето. Странските експерти од Tetra Tech работеа на геологијата, ресурсите, подготовката на минералните суровини и инженерингот, инфраструктурата, хидрогеологијата и хидрологијата, додека експертите од ACA Howe International  беа фокусирани на експлоатацијата и резервите и на инфраструктурата на рудникот.