Руни сака со контра да го елиминира Баерн Минхен

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни откри се што треба да направи актуелниот шампион на Англија на реванш 1/4 финалниот натпревар од Лигата на шампиони, за да ја исполни зацртаната цел, елиминација на актуелниот светски и европски клупски шампион, Баерн Минхен.

“Сите сме свесни, знаеме од колкаво значење е елиминацијата на Баерн Минхен. Ќе ја спасиме цела сезона, ќе останеме во живот, ќе гледаме само напред. Не сакам да покажам некаков знак на непочитување, но Баер од Леверкузен е далеку зад Баерн Минхен. Знаеме дека Баерн Минхен ќе има целосна контрола врз топката, дека ќе доминира на средината. Ние мора да бидеме совршени во сите дефанзивни задачи, а контрата мора да биде главното оружје на Манчестер Јунајтед”, изјави репрезентативецот на Англија.

Англискиот премиерлигаш има обврска да постигне најмалку еден погодок на реванш дуелот во Минхен.