Русија бара меѓународна поддршка за македонските власти

Од руското МНР побараа меѓународна поддршка за македонските власти, во напорите да се врати редот во проблематичниот регион. Во соопштението од руското МНР во врска со терористичкиот напад на караулата Гошинце Москва исто така изразува длабока загриженост за настанот.

„Со длабока загриженост го примивме соопштението за нападот на група вооружени лица врз граничниот пункт Гошинце на македонската страна од косовскиот дел на границата меѓу Македонија и Србија“, се наведува во синоќешното соопштение на руското министерство за надворешни работи.

Инцидентот на македонската граница покажува дека на овој дел од Балканот и натаму има длабоки етнички тензии и место за потенцијални конфликти. На оваа ситуација примарно влијание има сериозниот недостиг на владеењето на правото и безбедноста во Косово, што очигледно е последица на нерешениот косовски проблем како целина. Тоа повеќе не може да се игнорира, како и сè позачестеното присуство на велико албанските слогани. Се надеваме дека напорите на македонските власти да го врати редот во проблематичниот регион на земјата ќе ја добијат потребната меѓународна поддршка“, соопшти руското МНР.