Русија: БиХ ќе остане без гас ако не престане да извезува оружје во Украина

Русија на надлежните институции во БиХ им испратила писмо во кое предупредува дека доколку не се откаже од извозот на оружје во Украина, Босна и Херцеговина ќе остане без снабдување со гас, односно доколку БХ гас, кој инаку на руски Газпром му должи 102 милиони конвертибилни марки, тој долг не го исплати веднаш и одеднаш.

Како што јавува Федералната телевизија, Русија уште се заканила дека освен тоа, ќе ја зголеми и цената на гас за Босна и Херцеговина.

Овие предупредувања, ги примил амбасадорот на БиХ во Русија Иван Барбиќ, кој писмото од Руската федерација пред два дена го проследил до Министерството за надворешни работи. Во писмото, меѓу другото, се бара властите во БиХ да се откажат од намерата да извезуваат оружје во Украина.

„Таквите планови противречат на меѓународните норми, обврските од ОБСЕ во рамките на Форумот за соработка во областа на безбедноста. Таков чекор, посебно сега кога ескалираат воените дејствија на југоистокот на Украина, нема да придонесе за мирно решавање на ситуацијата во регионот и ќе доведе до нови жртви меѓу цивилното население, се наведува во писмото, чија соодржина ја пренесува ФТВ.

Но вчера стасало уште едно писмо, а босанското МНР го проследило до Претседателството на БиХ на натамошно постапување. За оваа точка да се најде на дневен ред, потребен е консензус.