Русија: ЕП го почна ловот на вештерки

Русија денеска го обвини Европскиот парламент за „лов на вештерки“ поради одлуката на претседателот Мартин Шулц да го ограничи пристапот на рускиот пратеник Владимир Чижов, објави МИА.

– Почна ловот на вештерки. Имаме чувство дека европската бирократија понекогаш се враќа во времето на Светата инквизиција. А, потоа што ќе следи? Ќе има ли црковни судови за руските дипломати? Ќе бидат ли живи запалении во Брисел? – напиша на Фејсбук портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи во руската Државна дума Константин Косачов апелира Русија да одговори на репресивните одлуки на Европската унија со симетрични или асиметрични мерки.

Шулц вчера објави дека ЕП одлучил да го огранични слободниот пристап во Парламентот на рускиот пратеник и на уште еден руски претставник, чиј идентитет не се наведува. Мерката е одговор на забраната за влез во Русија на 89 европски граѓани, кои ја критикувале политиката на Москва.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.