Русија игра на се или ништо

Се што треба да направат репрезентативците на Русија во последниот натпревар од групната фаза е да забележат триумф со два гола разлика во дуелот против селекцијата на Алжир и на тој начин ќе изборат пласман во 1/8 финалната рунда од Мундијалот во Бразил.

За разлика од тие на “зборнаја”, репрезентативците на Алжир ќе стигнат до најважниот резултат во репрезентативната историја, пласман во следната рунда, доколку освојат само еден бод во последниот натпревар од групната фаза.

“Секогаш е тешко да се игра против тим кој игра на резултат. Алжир нема да не нападне, трпеливо ќе игра на својата половина, ќе ја чека својата шанса. Мојот тим е тој кој треба да нападне, но пред нас се 90 минути, не смееме да тргнеме со глава во ѕид. Ако први постигнеме погодок, тогаш се ќе биде полесно. Противникот ќе мора да се отвори, ќе се пресели на нашата половина и тука ја гледам шансата за уште еден погодок”, изјави пред натпреварот селекторот на Русија, Фабио Капело.