Русија им забрани влез на Филе, Шварценберг, Женишек и Штетина

Русија им забрани влез на нејзина територија на чешките политичари Карел Шварценберг, Штефан Филе, Марк Женишек и Јаромир Штетина, објави МИА.

– Тоа е еднострана декларација од руската страна. Ние тоа го гледаме како листа која нема никаква меѓународна правна рамка. Не ни е јасно зошто се ставени имињата на чешките политичари и ќе побараме објаснување од руската страна – изјави портпаролката на чешкото Министерство за надворешни работи Михаела Лагронова.

На руската листа за санкции се вкупно 89 европски политичари и дипломати.

Според претседателот на чешката Влада, Бохуслав Соботка, на таквата забрана треба да даде единствен одговор Европската унија.

Карел Шварценберг е поранешен министер за надворешни работи и актуелен претседател на Парламентарната комисија за надворешни работи. Шварценберг долго време ја критикува Русија за односите со Украина.

– Кога ги видов другите имиња видов дека сум во добар клуб и сметам дека тоа за мене е награда – изјави Шварценберг.

Женишек, кој е исто така на рускиот список е член на Парламентарната комисија за европски прашања и на Парламентарната делегација при ОБСЕ и тој смета дека тоа што е на рускиот список е доказ дека ја работи својата работа добро.

Во Русија не смее да отпатува ниту поранешниот еврокомесар за проширување и соседска политика Штефан Филе кој рече дека „да се најде на списокот со други 88 политичари од ЕУ кои му лежат на желудникот на Владимир Путин за него е чест“.

– Навистина ме интересира кои мои изјави или ставови му пречат на Владимир Путин за да ги повторувам почесто – рече Филе.

На списокот е и европратеникот Штетина кој лани во февруари ги следеше протестите во Украина.