Свет

Русија ќе бара оштета од Германија за штетите од Втората Светска војна

Русија ќе бара оштета од Германија за штетите од Втората Светска војна

Членовите на рускиот парламент подготвуваат работна гупа за процена на штетите што Германија и ги на нанела на Русија за време на Втората Светска војна, речиси 70 години по завршувањето на војната, пишува рускиот весник „Известија“, пренесува „Танјуг“.

Русите ќе бараат оштета од Германија во износ од четири милијарди евра.

Според зборовите на пратеникот на Либерално демократската партија на Русија Михаил Дегјатаров, иницијативата е директен одговор на економските санкции што САД и ЕУ ги воведоа за Русија поради анексијата врз Крим и поддршката за проруските сили во источна Украина.

Дегјатаров изјавил дека Германија му нема платено ништо на СССР за уништувањата во Втората Светска војна.

Според неговите зборови, СССР по конференцијата во Јалта и го вратил на Германија имотот, воглавно, мебел, облека и индустриска опрема како и воениот плен, но „СССР не барал од Германија економски надомест“.

Дегјатаров оценил дека „Германија продолжува да и нанесува штета на Русија, приклучувајќи се кон економските санкции на ЕУ“, кои што предизвикаа криза во руската економија и пад на рубљата.

-За време на војната 30 отсто од нашата земја и националното богатство е уништено, а биле разорени 1.710 големи советски градови, повеќе од 70.000 помали руски градови и села, 32.000 индустриски зони, а 100.000 фарми биле целосно уништени, изјавил Дегјатаров, мислејќи на податоците што одборот на Сталин ги собрал по војната.

Според неговата изјава, оваа материјална штета изнесува 600 милиони долари и додал дека „Германија плаќа компензација за шесте милиони жртви на Холокаустот, а ги игнорира 27-те милиони убиени советски граѓани, од кои 16 милиони биле цивили“.

– Ако се земе тоа во предвид, Германија не должи ништо помалку од три до четири милијарди евра за наследникот на СССР, Русија, смета Дегјатаров.