Русија ќе и даде пари на Грција, ако Атина го побара тоа

Русија ќе размисли да и даде финансиска помош на Грција, ако Атина го побара тоа од неа, изјавил рускиот министер за финансии, Антон Силуанов.

– Можеме да си замислиме секаква ситуација, така што ако такво барање биде упатено до руската Влада, ние дефинитивно ќе го разгледаме, но ќе ги земеме предвид сите фактори од нашите билатерални односи меѓу Русија и Грција, тоа е едниственото нешто што можам да го кажам. Ако биде побарано, ние ќе го разгледаме, изјави Силуанов во интервју за Си-Ен-Би-Си.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, новата грчка Влада пред два дена соопшти дека се противи на изјавата на Европската унија со која се отвора пат за дополнителни санкции кон Кремљ поради конфликтот во Украина и изрази незадоволство што не била консултирана.

Сепак, министрите за надворешни работи на ЕУ вчера во Брисел донесоа одлука да ги продолжат санкциите кон Русија до септември.

– Преговорите за Русија во ЕУ завршија со добар компромис за ЕУ и Грција, изјави синоќа грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, по состанокот во Брисел.

Коѕиас рече дека документот усвоен од страна на министрите за надворешни работи бил сменет и додаде оти претставникот на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини рекла дека грчката делегација, бранејќи ги своите ставови, овозможила постигнување на компромисно решение.

Шефот на грчката дипломатија истакна дека документот бил усвоен „благодарение на грчките напори“ и оти во голема мера ги одразува позициите на Владата.

– На пример во текстот се повикуваат сите страни да преземат одговорност за нивните постапки, додека Русија е спомната само во однос на осуда на сепаратистите, објасни Коѕиас.