Русија ќе се врати на „зимско сметање на времето“

Руската Државна дума до крајот на пролетната сесија ќе усвои закон за враќање кон „зимското сметање на времето“ во земјата, изјави денеска лидерот на партијата Праведна Русија, Сергеј Миронов.

Според него, враќањето на стрелките на часовникот сепак ќе се случи најверојатно во последната недела од октомври, како што се случува и во повеќето европски земји.

Миронов додаде дека потребата тој нацрт-закон да биде поддржан е „очигледна за сите пратеници“.

Нацрт-законот беше доставен на 15 април од шефот на парламентарната Комисија за здравство, Сергеј Калашников и се очекува Думата да го разгледа, без да го дочека мислењето на Владата.

Во 2011 година по воведувањето на летното сметање на времето, руските власти одлучија тоа сметање да трае целата година. Потоа, меѓутоа следеа критики дека новото искуство создава многу непријатности и проблеми за руските граѓани. Според една анекета 43 отсто од нив се изјасниле за враќање кон стариот систем на промена на стрелките на часовникот секоја пролет и есен. Иницијатор за промената беше Дмитриј Медведев, кој тогаш беше претседател на Русија.

Новиот нацрт-закон предвидува да се воспостави концептот „московско време“ како појдовна точка на националната скала за мерење на времето во Руската Федерација и кое ќе се совпаѓа со Гринич плус три часа. Законот предвидува и поделба на Русија на десет часовни зони со оглед на максималното приближување кон часовните концепти за светското координирано време УТЦ.