Русија: Кризата во Украина е изговор за НАТО да се шири на исток

Кризата во Украина стана изговор за долго негуван план на НАТО за ширење на исток и да ги постави своите сили на границата со Русија, соопшти руското Министерство за надворешни работи, коментирајќи го самитот на Алијансата во Велс, објави МИА

– На самитот е прифатено движењето што се стреми кон ширење на НАТО кон исток и присуство на Алијансата на руската граница. Тие планови се негувани долго време, а украинската криза е само изговор да се започне со нивно спроведување, се наведува во соопштението.

Руското министерство нагласува дека исходот од самитот ја покажува желбата на НАТО да доминира на воен план, намалувајќи ја својата улога во решавање на вистинските закани, како што се тероризмот и производството на оружје за масовно уништување.

Во соопштението на властите во Москва се наведува дека детално ќе бидат разгледани одлуките донесени на Самитот на НАТО во Велс, со цел да се утврди дали тие во согласност со главните договори што се однесуваат на безбедноста во Европа.