Русија на Србија ѝ ги испорача шесте борбени авиони два дена пред планот

Во Белград во средата од Русија беа допремени последните два од вкупно шесте млазни ловци од типот „МИГ-29“, потврди српското министерство за одбрана.

Испораката се случи два дена порано откако што беше планирано, со што е комплетиран договорот пакет руска донација за којашто Србија ќе плати 180 милиони евра.

Тоа е сумата на којашто е проценет ремонтот и модернизацијата на вкупно десет авиони „МиГ“, четири колку што досега ги поседуваше военото воздухопловство на Србија, и шесте испорачани во текот на оваа седмица. Авионите во Белград беа донесени со гигантскиот транспортен авион „Ан-124 Руслан“

Првата двојка „МиГ“-ови пристигна во Србија во понеделникот, во вторникот беа испорачани уште два и во средата последните два од пакетот договорен во декември минатата 2016 година, кога беше најавено дека Москва ќе му подари на Белград шест користени авиони од типот „МиГ-29“.

Тогаш беше проценето дека модернизацијата ќе чини меѓу 180 и 230 милиони евра, а тогашниот српски премиер Александар Вучиќ појасни дека Србија купувањето на таквите авиони, надвор од договорениот руско-српски воен аранжман, би ја чинело 600 милиони евра. Инаку, ова е прва набавка на борбенби авиони на Србија уште од 1987 година.

Шесте новонабвени авиони „МиГ-29“ ќе бидат претставени на свеченоста по повод денот на ослободувањето на Белград на 20-ти октомври, а ќе присуствува и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, по што „МиГ“-овите во воздухопловно-техничкиот завод „Мома Станојловиќ“ ќе бидат подвргнати на детален ремонт и модернизација до таканареченото „четири плус поколение“ борбени авиони.

Србија како поддрпка од Русија, покрај шест „МиГ-29“, ќе добие и 30 тенкови „Т-72“ и 30 борбени извидувачко-патролни возила „БРДМ-2“. Притоа модернизацијата на вионите ќе се одвива во три етапи.

Меѓу Белград и Москва, исто така, се разгледува и прашањето за набавка на ракетните системи „Бук-М1“, „Бук-М2“ и против авионискиот и ракетен комплекс „Тунигуска“. Во 2018 година осум авиони од типот „МиГ-29“ и два баталјони од ракетните системи „Бук“ ќе ѝ бидат предадени на Србија и од Белорусија, со клаузула Беград сам да го плати нивниот ремонт и модернизацијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.