Русија негира дека нејзин ловец ќе се судрел со патнички авион над Шведска

Руското Министерство за одбрана денеска ги негираше тврдењата на властите во Стокхолм дека во петокот ловец на Военото воздухопловство на Русија за малку ќе се судрел со патнички авион над територијата на јужна Шведска.

– Немало никакви предуслови за авионска несреќа во петокот на 12 декември на руски воен авион во меѓународниот воздушен простор над Балтичкото Море, изјави претставникот на Министерството за одбрана на Русија, Игор Конешенков.

Тој нагласи дека летот на рускиот ловец бил спорведен во согласност со меѓународните правила, без нарушување на воздушните пространства на други држави и без загрозување на безбедноста на коридорите по кои летаат цивилни авиони.

Шведските власти вчера соопштија дека во воздушниот простор над јужна Шведска бил избегнат судир меѓу руски ловец и комерцијален авион, што полетал од данскиот главен град Копенхаген.

Претставникот на шведското Воено воздухопловство, генерал мајор Микаел Биден изјави дека рускиот ловец ги имал исклучено транспондерите, со помош на кои воените авиони стануват видливи за цивилните контроли на летање.

Конашенков призна дека рускиот ловец летал со исклучени транспондери, додавајќи дека тоа го прават и авионите на НАТО кога летаат близу воздушниот простор на Русија. – Но, тоа не значи дека руските контроли на летање не ги регистрираат, потенцира Конашенков.

Шведските медиуми јавуваат дека комерцијалниот авион вмешан во инцидентот летал кон Полска, но не посочуваат на која авиокомпанија и припаѓал и колку патници имало во него.