Русија негира дека трупа војска на границата со Украина, од Киев обвинуваат

Заменикот на рускиот министер за одбрана, Анатолиј Антонов денеска негираше дека Москва собира воени сили на границата со Украина, додавајќи дека неговата земја по тоа прашање ги почитува меѓународните договори. Од друга страна пак, шефот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана Андриј Парубиј тврди дека Путин е подготвен да ја нападне Украина.

„Руското министерство за одбрана ги почитува сите меѓународни договори за ограничување на бројот на војници на подрачјето на границата со Украина. Руските вооружени сили не спроведуваат никакви ненајавени воени активности со кои би можеле да ја загрозат безбедноста на соседните земји,“ изјави Антонов.

Истовреме врховниот командант на силите на НАТО за Европа, генерал Филип Бридлав денеска изјави дека Русија на источната граница со Украина има голем број на воени единици и додаде дека е загрижен дека тоа би можело да претставува закана за тој регион.