Русија: Односите со НАТО на најниското ниво од Студената војна

Односите на Русија со НАТО се најниското ниво од времето на Студената војна, оцени руското министерство за надворешни работи ден откако воениот сојуз на западните земји го одржа самитот во Брисел, на кој првпат присуствуваше и новиот американскиот претседател Доналд Трамп.

„Односите меѓу Русија и НАТО минуваат низ најдлабоката криза од завршувањето на Студената војна“, се наведува во писмената изјава на руското министерство за надворешни работи.

Сé поизразената присутност на силите на НАТО на границите со Русија им противречи на насоките од договорот меѓу двете страни од 1997 година, се наведува во изјавата и се додава дека НАТО ја преувеличува наводната закана којашто Русија би можела да ја претставува.

Во сабота, инаку, ќе биде одбележаната 20-годишнината од договорот меѓу НАТО и Русија.

„Растечките негативни тенденции не се избор на Русија. Тие се резултата на долгите години деструктивни ставови на блокот (НАТО – з.р.) насочени кон безобѕирното постигнување на воена и политичка доминација во европските и глобалните текови“, се оценува во изјавата.

Американскиот претседател Доналд Трамп на самитот на Алијансата одржана во четвртокот, наспроти своите предизборни изјави со кои предизвика стравување кај европските партнери за застареноста на Алијансата, изјави дека САД имаат намера да го зголемат финансирањето на НАТО. На тоа рускиот амбасадор во НАТО, Александр Грушко, рече дека ваквите изјави предизвикуваат загриженост.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.