Русија: Авганистанскиот опиум се преработува во лаборатории во Турција

Авганистанскиот опиум се преработува во високо квалитетен хероин во мали лаборатории за дрога во Турција, а оттаму се пренесува во Европа и Русија, изјави шефот на федерална Агенција за борба против трговијата со наркотици Виктор Иванов. Рутата за транспорт на дрогата беше откриена по здружената операција на Русија и Авганистан, пренесува „Раша Тудеј“.

Товарот патува од Бадакхсан – Доши – Бамијан – Херат, потоа низ Иран па во Турција, каде, во добро опремени лаборатории, опиумот се преработува во хероин со висок квалитет, а оттаму се праќа во Европа и Русија, изјави Иванов за време на состанокот на Комитетот за борба против трговијата со наркотици.

Авганистанскиот опиум во Турција се преработува во високо квалитетен хероин
Авганистанскиот опиум во Турција се преработува во високо квалитетен хероин

Иванов информира дека во заедничка операција на руските и авганистанските единици биле запленети 600 килограми опиум во градот Доши во Авганистан. Операцијата, како што рече, била спроведена кон средината на месецов, а опиумот бил најден во авганистански камион што патувал во Турција преку Иран.

Иванов вели дека криумчарењето дрога и овозможува на Исламска Држава да ги зголеми сопствените приходи.

Воздигнувањето на милитантите на ИД соодветсвува со годишното зголемување на криумчарењето дрога на Средниот Исток, што се потврдува и со зголемениот број заплени на хероин во регионот, вели тој.