Русија порача дека Северна Кореја сака директни разговори со САД

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави во четвртокот дека Северна Кореја сака директно да разговара со САД за од нив да добие гаранција за својата безбедност, пренесуваа во руските новински агенции.

Со ваквата желба на Северна Кореја, како што изјавил рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, тој го запознал американскиот државен секретар Рекс Тилеросн со кој имаа засебна средба на маргините од конференцијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во седиштето во Виена.

„Знаеме дека Северна Кореја, во прв ред, сака со САД да разговара за гаранциите за својата безбедност. Подготвени сме тоа да го поддржиме, подготвени сме да учествуваме за да ги олесниме тие преговори. На напите американски колеги (вклучително) и на Рекс Тилерсон тоа им го пренесовме“, рекол Лавров, пренесуваат агенциите.

Руското министерство за надворешни работи во соопштение извести дека Лавров го предупредил Тилерсон дека проблем се честите американски воени вежби на Корејскиот полуостров и агресивната реторика.

„Лавров уште еднаш истакна дека се неприфатливи ескалациите на тензиите, коишто произлегуваат од американските воени вежби во областа на Корејскиот полуостров, како и агресивната реторика“, објави руската дипломатија.

Шефот на руската дипломатија повикал „на обновување на одговорниот пристап за нуклеарниот проблем на Корејскиот полуостров да се реши исклучиво со дипломатски средства“, се додава во соопштението на министерството за надворешни работи.

Покрај тоа, Лавров го предупредил Тилерсон дека, исто така, се неприфатливи и американскиот притисок врз руските дипломати и медиуми, пренесува министерството.

„Тоа ги вклучува обидите за врбување коешто го спроведуваат американските разузнавачки служби“, го цитира министерството Лавров.

Претходно во средата портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на прес-конференција во Москва обелодени дека американските разузнавачки служби вршат притисок врз руските новинари, вклучително и со обиди да ги врбуваат, опишувајќи ги ваквите обиди како „бројни и повеќестепени“. Притоа наведе неколку примери и начините на коишто таквите обиди биле правени.

Лавров изјавил дека на средбата со Тилерсон ја разгледувале и ја критикувал и новата стратегија на САД во Авганистан.

„Нѐ подзагрижува објавата на Вашингтон за новата стратегија , којашто според сѐ судејќи во суштина подразбира застапување на решението на авганистанската криза со сила. Тоа е нереалистичен пристап“, рекол Лавров.

Според него, на средбата бил апотврдена намерата да продолжат руско-американските контакти за оваа тема преку специјалните претставници на челниците на двете земји за Авганистан, коишто веќе имаа две средби, во септември и во декември.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.