Русија порача дека жестоко ќе одговори на американските санкции

Официјална Москва во петокот порача дека решително и жестоко ќе одговори на новите американски санкции против руски деловни челници, компании и владини службеници.

„Никакви притисоци не можат да ја присилат Русија да ја промени својата насока, а санкциите само дополнително ќе го зацврстат единството на руското општество“, соопшти министерството за надворешни работи на Руската Федерација.

„Се разбира, нема да го оставиме сегашниот и секој нов антируски напад без жесток одговор. Меѓутоа, во прв ред, би сакале да го посетуваме Вашингтон побрзо да се ослободи од илузиите дека со нас може да зборува со јазикот на санкциите“, порачува руската дипломатија.

Со најновите, бројот на санкциите коишто САД од 2011 година ги воведуваат против Русија се зголеми за 50.

„Откако не постигна никаквиот успех со претходните санкции, Вашингтон продолжува да заплашува со одбивање да издаде американски визи, му се заканува на рускиот бизнис со замрзнување на имотите и финансиските активи, заборавајќи дека одземањето на приватната сопственост и туѓи пари се нарекува грабеж“, се додава во реакцијата на руското министерство за надворешни работи кое го цитира агенцијата ТАСС.

Без да го предвидува ефектот од претходните санкции, Москва истакнува дека „вашингтонските политичари дојдоа до таква апсурдност што се обидуваат да удрат по напите компании, кои одамна имаат деловни врски во САД, од кои зависат илјадници работни места. Со други зборови, тие ги напаѓаат обичните Американци, своите гласачи, разурнувајќи ја економската соработки на своја штета“, се заклучува во оцената на руското министерство за надворешни работи.

Москва, исто така, оценува дека со ваквите чекори на Вашингтон и „деградираната американска демократија“ се укажува на желбата да се уништи деловната конкуренција, а се потсетува и на забраната за работа на руските медиуми во САД, активностите на американските разузнавачки агенции и тајните затвори, влегувањето на руските државни имоти на американска територија…

САД претходно во петокот, во еден од најагресивните потези на Вашингтон како што оценува агенцијата Reuters, воведе санкции за да ја казни Москва за „низа активности“, вклучително и за наводното мешање во американските претседателски избори во 2016 година.

Истовремено, Белата куќа најави дека санкциите нема да влијаат на подготовките за идната средба на претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин, кој според Кремљ бил договорен во телефонскиот разговор на почетокот од март кога американскиот челник предложил состанокот да се одржи во Вашингтон.

„Како што претседателот секогаш зборуваше, сака добри односи со Русија, но тоа ќе зависи од потезите на Русите“, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.

Вашингтон под санкции стави 38 лица и компании кои ги обвини за наводно учество во „руските напади“ врз „западните демократии“.

Седум богати Руси за кои САД наведуваат дека се блиски на рускиот претседател Владимир Путин и 12 компании на чиешто чело се тие или имаат дел од акциите, се цел на санкциите, едни од најстрогите кои ги презема администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп против Русија.

Меѓу милијардерите се Олег Дерипаска, сопствени на најголемиот производител на алуминиум „Русал“, Игор Ротенберг, Виктор Векселберг и Кирил Чамалов, сопственици на значајни компании во енергетскиот сектор, Сулејман Керимов, милијардер и сенатор, извршниот директор на државниот енергетски гигант „Газпром“, Алексеј Милер, и Аднреј Костин, директор на втората по големина руска банка ВТБ.

Седумнаесет руски високи владини функционери се зафатени со американските санкции, меѓу кои и министерот за внатрешни работи Владимир Колоколцев, Виктор Золотов кој командува со Националната гарда и генералниот секретар на рускиот Совет за безбедност, Николај Патручев, исто така, се на списокот што го објави САД.

„САД ги преземаат мерките како одговор на бесрамните ставови и погубни активности на руската влада, кои продолжуваат ширум светот. Тоа вклучува нивното заземање на Крим, поттикнување на насилство на истокот од Украина, поддршка на режимот на Башар ал-Асад во Сирија и пакосните кибернетички активности. Но во прв ред тоа е одговор на постојаните руски напади врз западните демократи“, изјавил за новинарите во Вашингтон, неименуван висок функционер од администрацијата на Трамп.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.