Русија постигна договор со Венецуела за реструктуирање на нејзините долгови

Русија постигнала рамковен договор со Венецуела за реструктуирање на долговите на јужноамериканската земја, изјави во саботата рускиот министер за финансии Антон Силуанов.

Силуанов изјави дека Москва се надева дека ќе ги заврши преговорите со Каракас за реструктуирање на венецуелските долгови до крајот на годинава, пренесува агенцијата РИА. Истакнал дека станува збор за реструктуирање на долговите, а не за нивно отпишување.

Најголемата руска нафтена компанија „Роснефт“, купува во последно време сѐ повеќе венецуелска сирова нафта и други производи и ѝ дава кредити на владата на левичарскиот претседател Николас Мадуро.

„Роснефт“ во август објави дека дал речиси 6 милијарди американски долари предкредити на венецуелската нафтена компанија PDVSA, и дека наскоро планира нови предзаеми.