Русија повеќе не и’ гарантира безбедност на американската армија во Сирија

Русија го поништи Меморандумот за спречување инциденти и гарантирање на безбедноста на летовите на воената авијација при извршување на операции во Сирија, склучен претходно со САД, по ракетниот напад на американската армија, рано утринава, во сириската провинција Хомс.

Ова било наведено во соопштение на Министерството за надворешни работи на Русија, јави новинската агенција ИТАР-ТАСС, пренесува Нетпрес.

Руската страна го стопира дејствувањето на Меморандумот за спречување инциденти и гарантирање на безбедноста на летовите на воената авијација при извршување на операции во Сирија, склучен претходно со САД, објавено е во соопштението.

Истовремено Москва повикува на итно вонредно заседавање на Советот за безбедност на Обединетите нации за да биде разгледана и дискутирана ситуацијата по американските напади во Сирија.

Го повикуваме Советот за безбедносгт на ООН да спроведе вонредно заседание за да се одржи дискусија на ситуацијата, соопштило руското министерство за надворешни работи.

Како што е веќе познато, армијата на САД, рано утринава по наредба на претседателот Доналд Трамп, изврши напад од свои воени бродови во Средозменото море, истрелувајќи шеесетина ракети од типот „Томахавк“, на воено воздушна база во сириската провинција Хомс. Во нападот, засега е објавено дека има четири жртви. Инаку, во базата биле стационирани и сили на руската армија. Според тврдење на претседателот на САД, Доналд Трамп, оваа база била цел на ракетено гранатирање бидејќи од неа бил извршен нападот со хемиско оружје во вторникот, во кој загинаа околу 100 лица.