Русија протерува 23 британски дипломати и го затвора британскиот конзулат во Петербург

Русија прогласи за непожелни личности 23 британски дипломати кои треба да ја напуштат земјата во рок од седум дена, го затвора генералниот конзулат на Велика Британија во Санкт Петербург и ги укинува дејствувањето на Британскиот совет на руска територија, објави во неделата руското министерство за надворешни работи.

Станува збор за одговор на претходната слична мерка која ја донесе Лондон по труењето на поранешниот двоен руско-британски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во јужниот англиски град Салсбери. Велика Британија тврди дека бил употребен нервен отров „новичок“ кој го разработувала уште советската армија и за тоа ја обвинува Москва која негира дека има поврзаност со овој инцидент.

Во петокот во руското министерство за надворешни работи беше повикан британскиот амбасадор во Москва, Лори Бристоу, кој бил информиран за мерките коишто ќе ги преземе Русија во врска со „провокативните акции“ на британската страна.

Покрај тоа, имајќи го предвид диспаритетот во конзуларните односи, Москва ја повлекува својата согласност за отворање на британскиот генерален конзулат во Санкт Петербург. Исто така, ја прекинува и дејноста на Британскиот совет во Руската Федерација, поради неговиот нерешен статус, објави руската дипломатија.

Рускиот дипломатски ресор, притоа, го предупредува Лондон дека доколку и натаму преземе други „непријателски дејствија“ против Русија, Москва го задржува правото на натамошни возвратни мерки.

На 4-ти март поранешниот полковник на руското воено разузнавање ГРУ, сега 66-годишниот Сергеј Скрипал, и неговата 33-годишна ќерка Јулија, беа пронајдени без свест на клупа пред трговски центар во јужна Англија, според британската полиција биле изложени на нервни агенси. Британските власти ја обвинија Русија за „напад на Велика Британија“ и премиерката Тереза Меј издаде указ за протерување на 23 руски дипломати од амбасадата во Лондон, за кои тврди дека се прикриени разузнавачи.