Русија и САД ќе ја ослободуваат Рака од џихадистите

Русија е подготвена да ги координира своите активности со коалицијата предводена од САД во Сирија, за групата Исламска држава да ја протера од градот Рака, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, цитиран од руските медиуми.

– Подготвени сме да ги координираме нашите активности со Американците, затоа што Рака е во источниот дел на Сирија, а американската коалиција главно дејствува таму, рече Лавров во интервју за телевизијата „Рен -Ти Ви“.

„Можеби нема да одадам тајна ако кажам дека Американците до одреден степен го дадоа предлогот да направиме „поделба на трудот“: руските воено-вселенски сили да се концентрираат врз ослободувањето на Палмира, а американската коалиција врз ослободувањето на Рака со руска помош“, забележа рускиот министер за надворешни работи.