Русија веројатно до крајот на годината ќе го намали бројот на војници во Сирија

© Фото : Минобороны РФ

Руските воени сили во Сирија веројатно значително ќе бидат намалени, а повлекувањето би можело да започне пред крајот на оваа година, изјави началникот на генералштабот на руската армија во четвртокот.

„Остана уште многу малку да се направи за остварување на воените цели. Одлуката, секако, ќе ја донесе Врховниот командант, а мисијата ќе биде намалена“, изјави началникот на рускиот генералштаб, Валери Герасимов на маргините од средбата на рускиот претседател Владимир Путин со командантите на руските војски во црноморското летувалиште Сочи.

Герасимов рече дека силите ќе бидат „битно“ намалени, но дека ќе останат двете воени бази, воздухопловната во Хмејм и поморската во Тартус, Центарот за надзор на прекинот за огнот и „повеќе структури неопходни да се одржи состојбата каква што е во моментов“ во Сирија.

Руската поддршка од крајот на 2015 година на војската на владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад, главно со удари од авијацијата, беше клучна за пресвртот во конфликтот кој трае од мат 2011 година и за поразот на Исламската држава и сириските опозициски сили.

Путин во понеделникот во Сочи беше домаќин на Асад со кој разговараше за пренасочувањето од воените операции на изнаоѓање политичко решение за судирот во Сирија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.