Македонија

Русија загрижена за инцидентот во Гошинце

Русија загрижена  за инцидентот во Гошинце

Руското Министерство за надворешни работи, во своето соопштение објавено во средата, изрази длабока загриженост за нападот врз полициската станица во селото Гошинце, извршен во ноќта меѓу понеделникот и вторникот, кога 40-члена вооружена група привремено ја заземала станицата.

– Со длабока загриженост ја примивме веста за напад во ноќта на 21 април од група вооружени лица на македонскиот пограничен пункт Гошинце, на косовскиот дел на границата меѓу Србија и Македонија. Инцидентот на македонската граница укажува дека во овој дел на Балканот постојат длабоки етнички тензии и потенцијал за конфликт. Врз ситуацијата првенствено влијае сериозниот дефицит на безбедност и почитување на законите на Косово, што е последица на нерешавањето на косовското прашање во целост. Исто така треба да се обрне внимание на се почестите големоалбанските пароли во регионот. Се надеваме дека македонските власти ќе воспостават ред во овој проблематичен регион и ќе ја добијат неопходната меѓународна поддршка, пишува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението дополнително се претставуваат деталите од нападот, во кој група напаѓачи облечени во униформи на некогашната Ослободителна војска на Косово ги разоружаа четворицата полицајци во станицата и ги снимале додека ги понижувале и давале политички и етнички мотивирани закани.