Русин се разбудил во мртовечница, станал и се вратил на забавата каде се онесветил од вотка

Еден Русин на истокот на земјата се разбудил во мртовечница откако претходно бил прогласен за мртов, јавуваат локалните медиуми, пренесува „Раша тудеј“.

Пред инцидентот тој испил големо количество вотка со пријателите, а по неверојатното будење, повторно се вратил на забавата.

Човекот кого по грешка го прогласиле за мртов, се онесвестил од премногу алкохол. Сепак не е јасно кога точно се случил инцидентот.

Неговите пријатели повикале брза помош и медицинскиот персонал по грешка го прогласил човекот за мртов пред да го однесат во мртовечницата. Сепак, човекот некако се разбудил во мртовечницата.

Почнал да вика за помош и да тропа на вратата. За среќа го слушнал чуварот во мртовечницата и ги повикал лекарите. Со оглед на тоа што лекарите мислеле дека чуварот само фантазира, повикале полиција.

Кога ја отвориле вратата низ неа панично истрчал човекот. Полицијата направила краток информативен разговор со него и го ослободила.

Кога се вратил на забавата, неговите пријатели сеуште пиеле, но овој пат во негова чест. Тој што ја отворил вратата толку многу се испаничил и пребледел, а комеморацијата набрзо станала роденденска забава.