Русија в петок ќе го присоедини Крим

Русите на Крим вчера гласале за првиот чекор кон премин на украинскиот полуостров под власт на Москва. Потврдата би требало да се добие во руската Државна дума.

Додека на Крим се’ уште траеше гласањето, рускиот претседател, Владимир Путин, имал телефонски разговор со германската канцеларка, Ангела Меркел, и порачал дека референдумот е во рамки на меѓународното право, а „посебно со членот 1 од повелбата која што го одредува принципот на еднаквост и самоопределување на народот“.

„Русија ќе го почитува изборот на граѓаните на Крим“, рекол Путин и го искористи повикот на Меркел да изрази загриженост поради тензиите во југоисточниот дел на Украина, кои по негово мислење биле предизвикани од радикални групи.

Во соопштението од кабинетот на Путин не било споменато што одговорила Меркел во врска со референдумот на Крим, со оглед на тоа дека изминатите недели наводно порачала Русија да не дозволи така лесно да се извлече по анектирањето на Крим.

Штефан Зајберт, портпарол на канцеларката, пренел дека таа му порачала на Путин во Украина да има повеќе набљудувачи на ОБСЕ, што наишло на поздрав од рускиот претседател.

Но, судејќи според извештаите на западните медиуми околу референдумот, изгледа дека САД и сојузниците веќе се помириле со анектирањето за кое што Руската дума може да одлучи веќе во петот на 21-ви март.

Белата куќа сепак соошти дека Русија, доколку Путин не попушти за прашањето на Крим, ќе се соочи со санкции од Западот, не прецизирајќи за кои станува збор.

Командантот на украинската Воена морнарица, Сергеј Гајдук, и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, вчера договорија примирјето на Крим да биде од 21-ви март, кога е и седница на руската Дума.