„Руска ноќ“ со Македонска филхармонија

Македонската филхармонија во четврток во 20 часот ќе одржи симфониски концерт „Руска ноќ“ под палката на српскиот диригент со светска слава, Владимир Куленовиќ, кого публиката го нарече „принц на Србија во музиката“.

Како солист на виолончело ќе се претстави реномираната Маја Богдановиќ од Белград, за чии перформанси критиката е едногласна дека поседуваат исклучителна звучна убавина, соопштија од Филхармонија.

Богдановиќ ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар бр.1 од рускиот великан Дмитриј Шостакович, кој се смета за едно од најтешките дела за овој инструмент. Оркестарот на Македонската филхармонија на концертот кој носи наслов „Руска ноќ“, ќе ги изведе и увертирата од операта „Царска невеста“ од Николај Римски Корсаков, како и прекрасната „Жар-птица“ од Игор Стравински, уште двајца врвни автори кои доаѓаат од лулката на класичната музика, Русија. На концертот премиерно ќе прозвучи и делото „Горе и Долу“ – три слики од „Книга на промени“, на македонскиот композитор Владимир Николов, композиција инспирирана од поширокото толкување на класичното кинеско дело „Ји Џинг“.