Руска вселенска ракета исчезна набрзо по лансирањето

Руската вселенска ракета-носач „Протон-М“ исчезна денеска набрзо по лансирањето од космодромот Бајконур во Казхастан, јавија руските медиуми, пренесе МИА.

Рекатата „Протон-М“ претпладнево била лансирана со цел во земјината орбита да однесе мексикански комуникациски сателит, но по 8 минути и 18 секунди лет нејзините врски со центарот во Бајконур биле прекинати.

Експерите на руската Федерална вселенска агенција „Роскосмос“ започна истрага за настанот, но според првичните сознаија се претпоставува дека ракетата се урнала во регинот Чита во Сибир.

– Се уште не знаеме што се случило, но веројатно одвојувањето на сателитот од ракетата не одело според планот, изјави претставник на „Роскосмос“.

Комуникацискиот сателит „МексСат-1“ тежок 5,4 тони го изработи американската компанија „Боинг Сателит Систем“ за потребите на мексиканската Влада. Сателитот првично требаше да биде однесен во земјината орбита на 29 април, но лансирањето беше одложено на барање на „Боинг“, поради дополнителни тестирања.

Руските медиуми јавија дека спасувачи екипи тргнале во потрага по остатоците на ракетата во областа Забајкалски во близина на границата на Русија со Кина и Монголија.

Постојат стравувања од еколошка катастрофа која би можело да ја предизвикаат неколкуте тони токсично гориво во „Протон-М“.

Ова не е прва хаварија на ракета од типот „Протн-М“. При инцидент минатата година беа загубени три навигациски сателити.

Според руските медиуми, по денешниот инцидент можно е откажување на сите планирани лансирање на ракетите од типот „Протон-М“. Следната мисија на „Протон-М“ е планирана за идниот месец, кога во земјината орбита треба да биде однесен еден британски сателит.

фото: ТАСС