Руската адвокатка му доставила на синот на Трамп информации за британски финансиер на демократите

Доналд Трамп помладиот/© AP Photo/Carolyn Kaster

Руската адвокатка Наталија Веселницкаја на средбата со синот на американскиот претседател Доналд Трамп помладиот ланската 2016 година му доставила информации во врска со британскиот финансиер Вилијам Броудер, пишува весникот The Wall Street Journal.

Според тврдењата на весникот, руската адвокатка Наталија Веселницкаја, за којашто некои американски медиуми тврдат дека наводно е блиска на руската влада, разговарала со неговите новинари и ја опишала средбата со Доналд Трамп помладиот во Њујорк. Адвокатката укажала дека се обидувала да пренесе информации за британскиот финансиер Вилијам Броудер, кој во Русија претходно е суден за даночни измами и во отсуство е осуден на деветгодишна затворска казна.

Броудер, имено, лобирал американскиот Конгрес кога во декември 2012 година го донесе ткн „законот Магнитски“, кој предвидува санкции за голем број руски функционери наводно вмешани во случајот на рускиот адвокат Магнитски кој почина во притвор поради дела во кои застапуваше британска компанија осомничена за перење пари и затајување данок во Русија. По тужбата на британскиот финансиер, американските власти подигнаа кривична постапка против холдинг групацијата „Prevezon Holdings“, чиј сопственик е рускиот државјанин Денис Кацив. Во мај предистражната постапка заврши со претсудски договор за кој адвокатите на „ Prevezon Holdings“ оценија дека претставува победа.

Веселницкаја истакнала дека прибирала информации за Броудер и ми ги доставила на рускиот главен обвинител, Јуриј Чајка.

„Јас лично го познавам главниот обвинител. Во времето на мојата истрага (во врска со Броудер) разменував со него информации“, ја цитира WSJ руската адвокатка.

Врските со демократите

Како што истакнала Веселницкаја, таа сакала да го информира Трамп помладиот дека фирма поврзана со Броудер којашто ги избегнувала давачките во Русија, уплатувала пари во фондовите на американската Демократска партија. Во времето кога е остварена средбата меѓу руската адвокатка и синот на актуелниот претседател на САД, претседателски кандидат на демократите беше Хилари Клинтон, која се сметаше за фаворит во однос на републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

„Како за време на средбата, на којашто разговарав со Доналд Трамп помладиот, така и во писмените материјали коишто ги подготвив, се обидов да ги изложам податоците до коишто јас лично дојдов во текот на истрагата“, ја цитира натаму весникот Веселницкаја. Адвокатката истакнала дека синот ан американскиот челник очигледно не бил заинтересиран за оваа информација.

Весленицкаја, исто така, истакнала дека на ниеден начин не е поврзана со руските власти, како и дека никој од руската влада не учествувал во организација на нејзината средба со Трамп помладиот. Претходно американските медиуми објавија дека контактите оделе преку пријател на синот на американскиот претседател.

Сведоштвото на Трамп помладиот

Претходно седмицава, Доналд Трамп помладиот призна дека на 9 јуни 2016 година се сретнал во Њујорк со Веселницкаја. Синот на претседателот на САД не одрекува дека се согласил на средбата, надевајќи се дека ќе добие информации кои може да ѝ наштетат на Клинтон. Тој изрази подготвеност за средбата да сведочи и пред Сенатот.

Меѓутоа, политичките противници на американскиот претседател тврдат дека средбата наводно претставува потврда за врски на изборниот штаб на Доналд Трамп и Русија.

Веселницкаја во неодамна објавеното интервју за американската телевизиска мрежа NBC News категорично негираше дека некогаш работела или била ангажирана за телата на руската влада. Адвокатката, исто така, истакна дека таа не поседувала никакви материјали коишто би можеле директно да ја компромитираат Хилари Клинтон.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, претходно повеќепати на новинарски прашања одговори дека адвокатката Веселницкја не е позната и не соработувала со Кремљ.

Претседателот Трамп и првите луѓе на неговата администрација повеќепати ги негираа изјавите и написите за дека одржувале контакти во текот на предизборната кампања со Москва, додека трае истрагата за наводното хакирање на американскиот изборен систем од страна на лица поврзани со Кремљ со цел да му се помогне на републиканскиот кандидат. Според Белата куќа, сите вакви напори се политички мотивирани со цел да се делегимитизира извршната американска власт.

Москва, исто така, негира каква и да е поврзаност со кампањата на Трамп и наводните кибернетичките напади врз компјутерските системи на Деморкатската партија, по што во медиумите протекоа непријатни приватни преписки меѓу челниците на кампањата на Клинтон, највисоките партиски челници и сопствениците и уредниците на водечките американски медиуми. Руските највисоки функционери ваквите тврдења ги припишуваат на „рософобната хистерија“ кај одредени струи во Вашингтон кои се одраз на „внатрешните односи на политичката сцена во САД“.