Руската авијација го ликвидирала „министерот за војна“ на ИД

Руското воено воздухопловство во близина на сирискиот град Деир-ез-Зор уништило команден центар, комуникациски центар и четворица влијателни команданти меѓу кои и ткн „министерот за војна„ на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД), Гилмурод Халимов, објави во петокот руското Министерство за одбрана.

Како резултат на прецизниот воздушен удар на руската авијација во областа на градот Деир-ез-Зор, уништен е команден центар, јазол за комуникациски врски и околу 40 милитанти на Исламската држава, го цитира агенцијата ТАСС соопштението на службата за односи со јавност на министерството за одбрана.

„Според потврдените извештаи, меѓу загинатите се и четворица влијателни команданти, вклучително и ткн ‘емирот на Деир-ез-Зор’, Аму Мухамад ал-Шимали, одговорен за финансирање и пренесување на врбуваните регрути во камповите за обука на Исламската држава. Утврдено е исто така дека на состанокот учествувал и ‘министерот за војна’ на меѓународната терористичка група Исламска држава, Гилмурод Халимов, кој загинал од смртоносни повреди“, се истакнува во цитираното соопштение.

Според руското воено разузнавање, Халимов е поранешен командант на специјалните сили на поранешната централно азиска република Таџикистан, кој во мај2015 година заедно со шестмина потчинети ѝ се приклучил на Исламската држава. По ликвидирањето на Абуи Умар ал-Шишани, тој го заземал местото на воен министер на терористичката групација. На почетокот од септември годинава медиумите пишуваа дека Халимов бил именуван за калиф (наследник) на лидерот на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади.

Абу Мухамад ал-Шимали, со вистинско име Тарад Мухамед ал-Џабр, е државјанин на Саудиска Арабија, бил „емир за финансиски прашања“ на Исламската држава, и раководел со логистиката на милитантите, како и за префрлањето на новите регрутирани борци до камповите за обука. Бил организатор на рутите за снабдување на терористите преку територијата на Турција, европските држави, и земјите од северна Африка, Персискиот залив и Австралија. Европските разузнавачки служби го сметаат за организатор на терористичките напади во Париз од 13-ти ноември 2015 година кога беа убиени 130 луѓе.

Руското министерство за одбрана, исто така, соопшти дека на 5-ти септември преку неколку канали била добиена информација за организирање средба на командантите на Исламската држава во таен команден центар во близината на Деир-ез-Зор, кои планирале да ја разгледуваат моменталната ситуација, како и да договорат итни мерки поради брзото напредување на сириските владини сили кон градот. По потврдувањето на добиените информации и дополнителни извидувања, од руската воздухопловна база Хмејмим во централна Сирија полетале два авиона од типовите „Су-34“ и „Су-35“ кои извеле прецизни воздушни удари со противбетонски бомби, се наведува во соопштението на руското министерство за одбрана.