Руски генерал загина во Сирија

Генерал-полковникот Валери Асапов загинал во Сирија за време на гранатирање од страна на терористите на Исламската држава, објави во неделата вечерта руското министерство за одбрана.

Како што се наведува во соопштението на кое се повикува агенцијата РИА, водачот на групата руски воени советници генерал-полковникот Асапов се наоѓал на команден пункт на сириската армија. Тој им помагал на сириските команданти во водењето на операциите за ослободување на Деир-ез-Зор. Асапов бил смртно ранет во експлозија на граната.

Точното место и датумот на загинувањето на Асапов не се прецизирани, но се наведува дека тој е постхумно одликуван со високо признание. Во неделата, исто така, е соопштено дека под минофрлачки оган се нашол и известувачот на агенцијата РИА од боиштето кај Деир-ез-Зор. Гранатата експлодирала во близина на неговото возило, но новинарот не настрадал.

Претходно оваа седмица група руски воени советници успеале да се пробијат од опкружувањето на милитантите од Џенхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда. Џихадистите на 19-ти септември ги нападнеле позициите на сириската владина армија, опколувајќи ја притоа набљудувачката позиција на советници од руската воена полиција крај Хамој. Во оваа операција бил одбиен нападот на милитантите, а според сириската војска во овие борби биле убиени околу 850 џихадистички борци.

Сириската армија на 5-ти септември ја проби блокадата кај Деир-ез-Зор во која се наоѓаше повеќе од три години во обрачот на борците на Исламската држава. Владините сили со поддршка на руската авијација напредуваат кон реката Еуфрат во околината на градот, потиснувајќи ги милитантите од повеќето населени места и отворајќи офанзива на истокот од градот.