Македонија,Економија

Руски „Солвеј“ ја разгледува можноста за отворање на рудникот „Кадиица“

Руски „Солвеј“ ја разгледува можноста за отворање на рудникот „Кадиица“

Рускиот инвеститор „Солвеј“ ја разгледува можноста, во новиот рудник „Кадиица“ кај Пехчево експлоатацијата на рудата да се врши или површински како што е рудникот „Бучим“ или со подземен коп, како што се рудниците „Саса“, „Добрево“ и „Тораница“.

Заменик менаџерот на рудникот „Бучим“, Николајчо Николов вели дека дека инвестициите при отворањето на рудникот без разлика дали е површински или подземен коп ќе бидат поголеми.

Инвеститорот „Солвеј“, кој е сопственик на рудниците за бакар и злато „Бучим“ и на рудникот за олово и цинк „Саса“ во Македонска Каменица смета дека и понатаму треба да биде во опција подземно лужење на рудата во „Кадиица“, која засега како метода е непозната во овој регион.

„Прво треба да се напомне дека рудникот „Кадиица“ е многу сиромашен рудник со бакар и ние работиме со долна граница, значи анализата се прави со долна граница на експлоатација 0,15 проценти на бакар што е многу ниско и ќе ги согледаме сите параметри врз искуствата наши, врз искуствата на други рудници и треба да оцениме во кој правец ќе се движиме“, вели Николов.

Тој истакна дека инвестори сметаат дека и понатаму треба да биде во опција и експлоатацијата на рудата со подземно лужење.

„Очекуваме сега кога ќе се формира новата Влада дека ќе пристапиме кон обновување на сите тие разговори, а се со цел да се направи и не само да се отвори тој рудник, туку тој рудник економски да работи, вели Николов.

Во моментот рударските експерти од Природно-Техничкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ ја изработуваат студијата за експлоатација на рудата во „Кадиица“ по пат на површински коп.

Деканот на Природно-Техничкиот факултет, Зоран Панов вели дека овој проект на кој тие работат треба да покаже дали на овој нов рудник кој треба да се отвори ќе може експлоатацијата на рудата да се врши површински.

„ Знаете дека рударството е побавна дејност, потребно е време на истражување, но и имплементација на самиот проект, пред да почнете треба да направите инфраструктурни објекти, треба да набавите опрема. Голема опрема не се набавува пред, односно најмалју година до две , па можеби и три. Еве сега да купите и да имате колку сакате пари, на пример еве да купувам сега дампери, а ми требаат 10 кои се 150 тонски и тоа ги купувам од најпозната фирма, тие ќе ви кажат дека испораката е по две или три години. Значи не можете да очекувате дека сега или утре ќе може да почне некој рудник да работи, нагласи Панов.

Според него, источниот и југоисточниот регион во текот на наредниот период се очекува да има најголеми инвестиции во рударството.