Рускиот амбасадор во Атина: Турски тек што почна да се гради во Македонија може да донесе големи придобивки и за Грција

Атина покажува интерес за гасоводниот проект Турски тек, открива рускиот амбасадор вo земјата Андреј Маслов во интервју за грчкото издание на „Русија сега”. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, амбасадорот информира дека Турски тек веќе почна да се гради во Македонија, а доколку и Грција реши да учествува во проектот, тоа ќе и донесе придобивки не само од транзитот, туку и од новите работни места што ќе се отворат со конструкцијата на инфраструктурните елементи.

„Конструкцијата на рускиот гасовод на Балканот која што ќе биде поврзана со јазол од Турскиот тек во источна Тракија веќе започна во Македонија. Преминот од Грција би донел огромни економски и политички придобивки за земјата”, вели Маслов.

Во пресрет на посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Москва на 8 ми април, амбасадорот вели дека Грција цели кон тоа да стане голем играч на пазарот за гас во јужна Европа и дека спроведувањето на Турски тек за истовремено ќе претставува и интересна геостратегиска задача за земјата.

Рускиот претседател Путин планира да го подигне ембаргото за грчките земјоделски производи и повторно да им го ослободи патот кон рускиот пазар, откри поранешната министерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани. Грчките медиуми велат дека ова е политички подарок од Путин за Ципрас кој што ќе обезбеди големо олеснување за грчката економија во период кога Атина е под притисок.

Британскиот амбасадор во земјата Џон Китмер пак , во интервју за “Катимерини”, го обвинува Путин за конфликтот во Украина, со порака дека Русија морала да ги повлече своите сили и тешкото наоружување од Украина и да престанела да се меша во внатрешните работи на земјата. Во однос на проблемот што Атина го има со нашето уставно и историско име, британскиот амбасадор вели дека решавањето на прашањето ќе и помогне на Грција да подигне оаза на стабилноста.

 

“Грчката влада рече дека Грција е стабилна земја во ранлив регион. Сепак, сеуште има билатерални проблеми со својот сосед. Прашањето за Грција е што точно сака да направи во врска со овие билатерални прашања што остануваат, а чие што решение ќе и помогне на да изгради оаза на стабилноста. Со голем интерес слушаме дека новата влада е заинтересирана за промовирање на мерки за градање на доверба со Македонија и Турција. Коѕиас дискутираше со Попоски во врска со усвојувањето на мерките за градење доверба и ова е многу позитвно, доколку не доведе до одложување на дебатата за суштината, а тоа е името”, вели Китмер.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.